Кенија ги замени претседателите со животни

Во обид да се спречи глорификација на политичките лидери, Кенија ги тргна ликовите на своите поранешни претседатели од новите монети, а ги замени со животни од дивиот свет по кој земјата е препознатлива.

На монетите стоеја ликовите на претходните три кениски владетели/претседатели: Јомо Кенјата, Даниел арап Мои и Мваи Кибаки. Нивните ликови на монетите од 1, 5, 10 и 20 шилинзи сега се заменети со лавови, слонови, жирафи и носорози.

Многу од Кенијците гледаа на политичките ликови на монетите како обид за самопромоција на политичките лидери и обид да се персонализира државата. Делумно и од таа причина, под притисок на јавноста, во 2010-та Кенија изгласа нов Устав кој гарантира демократија и човечки права. Во истиот стои и дека на парите „нема да стои портрет на ниту една индивидуа“.

Претседателот Ухуру Кенјата – син на првиот лидер на Кенија – Јомо Кенјата, вели дека новите монети се „голема промена“ и олицетворение на долгиот пат напред што го изминала кениската нација.

По монетите, се очекува истото да се случи и со банкнотите при следното печање. Од банката се на иста линија со Кенјата и велат дека изборот на животни (наместо политички лидери) претставува „физичка експресија на новата преродена и просперитетна Кенија“, како и Кенија која покажува почит за животната околина.

 

Што се однесува до ликовите на претходните кениски лидери, сите беа воведувани на парите во текот на нивното владеење. Дури и Мваи Кибаки, кој победи на изборите во 2002 година и го заврши 24-годишното владеење на Даниел арап Мои, го прекрши ветувањето и си го испринта својот лик на кениските шилинзи.

- Реклама -