„Кенди“ во режија на Тамара Стојаноска на Меѓународен џез театарскифестивал „Нишвил“ во Србија

Дуодрамата „Кенди“ во режија на Тамара Стојаноска, а во продукција на независниот театар „Златен Елец“ од Скопје, во сабота на 10 август ќе учествува во официјалната конкуренција на меѓународниот џез театарски фестивал „Нишвил“ (Nishville Jazz Theatre Festival) во Република Србија.
Театарскиот фестивал е во рамките на големиот „Нишвил“ Џез Фестивал (Nishville Jazz festival) кој годинава слави јубилеј од триесет години постоење, а театарскиот фестивал започнал од 2017 година. Во главната програма се вклучени 8 претстави од Србија, Италија, Америка, Холандија и Црна Гора, изведбите се на отворени сцени на неколку локации низ градот Ниш.
Во претставата „Кенди“ играат актерите Бобан Алекоски и Лео Поповиќ, музиката е на Лука Тошев, а адаптацијата и режијата се на Тамара Стојаноска. До сега претставата два пати беше наградувана, на фестивалот „Бранко Ѓорчев“ и Фестивалот „Млад отворен театар“ во 2023 година, инаку премиерата беше во 2022 година.
“Бев под силно влијание на изведбата на „Кенди“ и трупата што ја изведуваше поради нетипичниот израз на театарот. Користеа алатки кои често ги гледаме во филмовите, каде што можете да се приближите до приказната. Имав впечаток дека гледам добар документарен филм, алатките
што се користат во оваа претстава, од глума, сценографија, костими, музика, се соголени речиси до точка на бруталност. Оваа претстава ја менуваше температурата од сцена во сцена и ме вовлече во приказната со глумата на актери со широк спектар на таленти и очигледно одлично и длабоко размислување и работа со подеднакво надарен режисер и нејзиниот избор на простор за претставата – близината на публиката до сцената и актерите, преполни – хаотични реквизити како огледало на ликовите на претставата, од реални до симболични костими (сцена
на крв што излегува од пластично шише). Дополнително на сето тоа, изборот на темата за наркоманијата која го преплавува нашето општество е за пофалба бидејќи уметноста е најдобрата платформа за да се зборува за тешки теми и да се работи на нивно решавање“ рече Маја Митиќ за „Кенди“, глумица, режисерка и селекторка на театарскиот фестивал во Ниш и минатогодишен член на жирито на фестивалот Млад Отворен Театар во Скопје.

„Кенди“ е дуодрама која зборува за зависност кај младите со фокус на опијатната зависност, според романот на Лук Дејвис (Candy: A Novel of Love and Addiction) и авторски текстови и материјали од ХОПС – Опции за здрав живот Скопје. Претставата е анатомија на една љубов, шетање низ спомените на еден пар чија љубовна врска постепено се изобличува, станува механичко трагање по еуфорија, бегство од притисокот на секојдневниот живот и траумите. Приказ на едно
„современо“ општество кое дозволува огромна стигма и дискриминација кон корисниците на дроги и останатите маргинализирани заедници. Општествената стигматизација и институционалната дискриминација водат кон ширење омраза и насилство, недостатоци во здравствениот систем и идни случаи на предозирање и злоупотреба на дроги.
„Кенди“ е еден наш аларм за свест, помош и едукација – она што денес треба да е приоритет кога се говори толку често за животот на младите – велат од театарот. Претставата во септември ќе биде изведена и пред Скопската публика, како дел од редовниот репертоар на независниот театар.

- Реклама -