Компанијата КЕМЕТ Eлектроникс Македонија инвестираше 400.000 евра во изградба на фотоволтаична (соларна) централа со инсталирана моќност од 609 KWp. Централата ќе произведува приближно 750 MWh електрична енергија годишно, со што околу 10% од вкупната потрошувачка на електрична енергија на компанијата се заменува со чиста, обновлива енергија добиена од сончеви зраци.
Покрај за зголемување на енергетската ефикасност, новата соларна централа овозможува и намалување на емисиите на C0₂ за 600 тони годишно. Инаку, во новата соларна централа се вградени 1100 најсовремени фотоволтаични панели, распоредени на површина од 4500 m².
„Оваа инвестиција во обновлив извор на енергија е дел од нашата долгорочна стратегија за одржлив развој. Новата соларна централа овозможува оптимизација на производните трошоци, со што се зголемува нашата целокупна конкурентност, но истовремено се придонесува и за заштита на животната средина, правејќи ги инвестициите од ваков тип особено значајни. И во иднина ќе продолжиме со интензивните вложувања кои треба да креираат дополнителна вредност за нашата компанија, за групацијата на која ѝ припаѓаме, на нашите вработени и секако за локалната заедница и целокупната домашна економија“, изјави Франческо Татоли, заменик директор на КЕМЕТ Електроникс Македонија.
КЕМЕТ Електроникс Македонија започна со работа во 2012 година, а главната дејност на компанијата е производство на електрични кондензатори и други делови кои се применуваат во повеќе индустрии. Во изминатите 12 години во развојот на компанијата се инвестирани над 40 милиони евра, а целокупното нејзино производство се извезува. Во моментов во КЕМЕТ Електроникс Македонија се вработени над 500 лица, а според инвестицискиот план на компанијата, нивниот број и понатаму ќе се зголемува.
Од 2020 година КЕМЕТ Електроникс Македонија е дел од ЈАГЕО, водечка глобална корпорација за електронски компоненти, со производни капацитети во Европа, Азија и Америка. Производственото портфолио на корпорацијата го сочинуваат: кондензатори, индуктори, трансформатори, релеи, антени, безжични и други компоненти, а моментално е рангирана како број 1 производител на чип-отпорници и танталови кондензатори во светот. Корпорацијата вработува над 40.000 лица, а во нејзини рамки делуваат и 20 центри за истражување и развој кои во континуитет работат на развој на иновации и унапредување на технологиите и производите.
КЕМЕТ Електроникс Македонија