Каде е торбата со парите, каква е вклученоста на специјалната обвинителка Катица Јанева, дали и кои политичари се вмешани се дел од клучните прашања, кои според упатените, се уште не се одговорени. Тие сметаат и дека истрагата за случајот „Рекет“ се води бавно и остава вакуум простор за гласини.
Ниту четири часа сведочење на специјалната јавна обвинителка во оставка Катица Јанева не донесоа појасна слика во јавноста за неколку клучни прашања во случајот „Рекет“ кој со месеци ја тресе македонската политичка и обвинителска сцена. По распитот во Јавното обвинителството за организиран криминал и корупција во својство на сведок впечаток е дека повеќе прашања се отворија отколку што се доби одговор. Со кратките одговори со “да” и со “не”, Јанева не откри каква e нејзината улога и вклученост, дали се инволвирани политичари, каде е сведокот Јордан Камчев.
Покрај овие прашања засега останува неодговорено и каде се парите од торбата со која, како што се гледа на снимката објавена на италијанскиот портал Ла Верита, од домот на бизнисменот Камчев излегуваат осомничените Бојан Јовановски и Зоран Милески- Кичеец.