Ќе се отвораат казината и фитнес центрите, за градинките е рано, вели Филипче

Комисијата за заштита од заразни болести ќе упати предлог до Владата да бидат отворени казината, автомат клубовите и Ве-Ел-Те апаратите во обложувалниците, одлучено е на состанокот на кој се разговарало за понатамошно олабавување на мерките, информираше министерот Филипче. До крајот на неделата, Комисијата предлага со работа да почнат и фитнес центрите и теретаните. И во едните и во другите ќе важат строги протоколи, истакна министерот за здравство.

Одлучено е да почне со работа и јавниот превоз во Тетово.

Утре, пак, ќе се разговара за целосно отворање на границите, без сегашните услови (ПЦР тест и задолжителна самоизолација). Ќе зависи и од координацијата со другите земји од регионот, но генерално, според Филипче, епидемиолошкиот ризик е сличен.

Овој нов бран на олабавувања, сепак, нема да ги опфати градинките, иако скринингот на вработените одамна започна и веќе заврши. Според Филипче, сѐ уште е рано за таков чекор, поради можноста од трансмисија на Ковид-19. Со оглед на порастот на заразени во земјата, децата би можеле да се заразат од некој од домашните, а потоа да го прошират вирусот понатаму, објасни тој, додавајќи дека засега не се планира отворање на градинките. Министерот, сепак, не одговори дали можеби ќе се прави нов скрининг на вработените, сега откако поради порастот на заразени, резултатите од овој првиот не гарантираат безбедни градинки.

- Реклама -