Ќе се кандидира ли Пендаровски за реизбор? „Најважна ми е поддршката од граѓаните“

Претседателот Стево Пендаровски сѐ уште не се изјаснува дали ќе се кандидира на следните избори за шеф на државата. Вели дека најважна му е поддршката од граѓаните.

„Не знам. Кога ќе дојде време веројатно ќе се изјаснам. Јас сум рекол важна ми е поддршката од коалицијата која во 2014 ми ја даде таа поддршка, не само од 2019, но далеку поважна ми е поддршката од граѓаните. Ако ја немам, нема да размислувам, но ако ја имам, можам да размислувам заедно со политичките субјекти кои би сакале во тој период да ме поддржат“, рече Пендаровски.

Во вечерашното гостување во телевизија „Сител“, тој не одговори ниту дали претседателските избори следната година треба да се одржат заедно со парламентарните. Како што објасни, преферира да не одговори затоа што може да се толкува дека тој има личен интерес да одговори како што би одговорил.

„Јас сум актуелен претседател и ќе речат дека имам некаков личен влог или личен интерес во тоа, а немам. И затоа преферирам да не ви одговорам на прашањето“, рече Пендаровски.

Според Уставот и законските рокови, како што посочи, овие избори не се врзани. Претседателските избори, вели, мора да се одржат догодина во април, бидејќи на 12 мај завршува мандатот на Претседателот.

Пендаровски не сакаше да зборува ниту за тоа дали треба да има избори па потоа уставни измени, иако лани ја застапуваше таа теза.

„Јас сум од почетокот на оваа теза, меѓутоа не сум јас тој кој го води политичкиот процес. Дали ќе има избори или не, е работа на оние кои ќе набројат 61 рака и ќе гласаат за распуштање на Парламентот. Јас не сум пратеник и немам свои пратеници“, рече Пендаровски.

Објаснувајќи ја неговата минатогодишна теза, тој рече дека било јасно уште од почетокот дека го нема двотретинското мнозинство потребно за уставни измени. Оцени и дека е потрошено премногу време.

„Беше јасно уште од почетокот дека нема да има две третини. И јас велев, ако нема две третини, немојте наредните година и пол или две – колку што имавме тогаш до избори, да се занимаваме само со Бугарија. Имаме толку многу приоритети внатре, дајте да се посветиме на внатрешните реформи и на тоа да го направиме животот полесен за нашите граѓани. Сега за жал, од ланскиот јуни-јули кога гласавме во Парламентот за Преговарачката рамка до денес, 50 проценти од сите дневни вести на некој начин се поврзани со тоа кој што рекол во Бугарија, а како ќе се одговори. Мислам дека потрошивме многу време“, рече Пендаровски.

На прашањето дали сѐ уште е на ставот дека е подобро да се оди на избори, тој вели дека веќе не зборува за избори.

„Не, не зборам за избори. Веќе не е мое прашање“, рече шефот на државата.

Извор: МИА

- Реклама -