Казна од 300 евра за тие што ќе одбијат да се попишат, предупредува Владата

„Имаме прецизни протоколи скроени за безбедно спроведување, подготвени сме за секој детал, за секоја ситуација. Стандардите за заштита се највисоки и во целост ги штитат граѓаните и попишувачите. Пописот се спроведува и ќе се спроведе целосно безбедно, по сите стандарди без застој“, истакна денеска портпаролот на Владата – Душко Арсовски, потенцирајќи дека протоколите и досега давале целосна заштита во други процеси. Строгото следење на протоколите ќе значи и самозаштита, но и ја избегнува потребата од одложување на пописот, додаде тој.

Претставничката на Државниот завод за статистика – Јасминка Ѓоргиева, од друга страна, ги сподели најновите податоци во врска со пописот, информирајќи дека во последното деноноќие, значително над очекуваното, се самопопишале над 20.000 македонски државјани кои живеат во странство. Вкупната бројка денеска до 09:00 часот изнесувала 121.580 државјани.

На прес-конференцијата повторно беше упатен повик до дијаспората да учествува во пописот.

Ѓоргиева соопшти и дека викендов заврши дополнителниот конкурс за попишувачи, изразувајќи задоволство од одзивот. Таа информираше дека се  пријавиле над 2.600 попишувачи, што е околу 800 повеќе од потребниот број. Во меѓувреме започнуваат тестирањата, по што ќе се добијат финалните резултати и ќе се изготват решенијата за ангажирање на попишувачите.

Таа потенцираше дека нема никаков застој и сè се одвива според планот и зацртаните рокови, а во следните денови продолжува дистрибуцијата на материјалите за пописните комисии и почнува и обуката на реонските инструктори.

Арсовски и Ѓоргиева порачаа и дека учеството во пописот е можност за секој граѓанин сам да придонесе во креирање на сопствената и заедничката иднина. Во однос на повиците за бојкот, Арсовски изрази увереност дека кај граѓаните ќе преовлада чувството за неопходност од оваа статистичка операција и податоците, но и предупреди дека пописот е задолжителен.

„Учеството е задолжително. Кривично се одговара за поттикнување на бојкот на оваа најважна статистичка операција. За тие што ќе одбијат да се попишат ќе биде почната прекршочна постапка, а казните се до 300 евра“, предупреди Арсовски, потенцирајќи дека одложување не е опција.

„Граѓаните мора да знаат дека, пописот е операција од витално значење за државата, за да може да се прават стратегии за развој“, велат од Владата.

- Реклама -