Кацарска: Со задоволство ќе прифатам да бидам уставен судија

Дванаесет членови на Судскиот совет утре ќе утврдуваат предлог за нов уставен судија кој ќе дојде на местото на Владимир Стојановски, кому му истече мандатот. Оваа точка е и официјално наведена на веб-страната на Судскиот совет, како втора на дневниот ред.

Како што дознава БИРН (Призма.мк), еден од најсериозните предлози за наследник на Стојановски е судијката Добрила Кацарска, која има стаж од над 30 години, а била и претседател на Кривичниот суд во Скопје.

Во изјава за ТВ „Алфа“, Кацарска вели дека не знае дали е „во игра“ бидејќи не е член на судскиот совет и не располага со таква информација (предлозите се објавуваат на денот на седницата, но како што истакнува БИРН, досегашната пракса покажува дека точката не се става на дневен ред ако претходно не е постигнат консензус меѓу членовите на Судскиот совет), но дека доколку биде предложена, со задоволство ќе ја прифати функцијата, бидејќи, како што вели, тоа е огромна чест за секој судија.

Кацарска во пошироката јавност е позната како судијката која ги осуди Никола Груевски, Гордана Јанкулоска и Ѓоко Поповски во случајот „Тенк“, како и учесниците во упадот во Собранието на 27 април 2017 година. Го судеше и предметот „Триста“ (исто така против Поповски, за набавка на 300 возила за МВР) и беше дел од судискиот совет во предметот „Поткуп“ против Зоран Заев.

Во приватниот живот, Кацарска е блиска пријателка со Камчеви.

Кацарска беше дел, во негативна конотација, од предизборните спотови на ВМРО-ДПМНЕ, кои нејзиното име го користат како синоним за корупција во судството.

Судскиот совет, инаку, предлага двајца судии за Уставниот суд, за чие усвојување треба двотретинско мнозинство во Собранието. Ако ниту еден од предложените не го добие потребното мнозинство, постапката за предлагање кандидати се повторува.

- Реклама -