Катедра на ромски и задолжително изучување на јазикот во училишта со мнозинство Роми, бара Салиу

Катедра на ромски јазик на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, културни центри во Скопје и во четири други поважни градови, 30.000 граматики, буквари и исто толку речници на ромски јазик, се само дел од барањата што денеска ги соопшти министерот без ресор задолжен за интеграција и имплементација на Стратегијата за инклузија на Ромите 2022-2030, Шабан Салиу, по повод Меѓународниот ден на ромскиот јазик.

Во изјава за медиумите, Салиу рече дека очекува вистинско институционално системско решение за Ромите во однос на јазикот.

Она што го очекувам, како дел од новата Влада, предводена од ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Христијан Мицкоски, е да се издадат 30.000 граматики, 30.000 букварчиња, 30.000 речници на ромски јазик, како би можеле да ги поделиме во секоја ромска фамилија, рече Салиу.

Според Салиу, потребно е да се формира катедра на ромски јазик при УКИМ,да има квалитетни наставници и професори кои ќе предаваат ромски јазик во основните и средните училишта, како и вклучување на ромскиот јазик како задолжителен во училиштата каде мнозинството се ромски деца.
Салиу се надева дека со Буџетот за 2025 година ќе бидат одвоени доволно средства за образование и изучување на ромскиот јазик.

Првпат кодификација и стандардизација на ромскиот јазик е направена во 1990 година. Ромскиот јазик е признат и од Советот на Европа и од Европската Унија, подвлече Салиу.

Меѓународниот ден на ромскиот јазик е 5 ноември, прогласен од страна на УНЕСКО.

Извор