Кардиф – главниот град на Велс. Обичен британски град, ќе речеш. Има една улица, St Mary. Преку ден – полна со купувачи, минувачи и вработени. Навечер пак, особено во сабота, се трансформира во сцена, што за журки, што за театар.
Порано или подоцна, сите журкачи ќе завршат во пабовите и ноќните клубови на St Mary, каде што сé се случува во јавност – пијанчење, тепачки, љубов во сите облици, плачки, па и спиење.
Супермен зборува со Плејбој зајачици, некој дреме на асфалтот, гладните го довршуваат помфритот, тие со зорт уринираат по ѕидовите, кантите за ѓубре претекуваат, а во близина полицијата разделува тепачка. Никој како да не се грижи за утре.
Кога сé ќе заврши, ако имаш среќа, ќе најдеш такси и ќе си отидеш дома изморен. Ако не, ќе си прошеташ пијан и ќе ги погледаш сликите уште малку. А после мамурна недела и уште една седмица на работа или на факултет. Следниот викенд, пак дежа ву.