Карапејовски: Никој не е над Уставот и законите, да ги почекаме фактите па ќе се изјасниме за интерпелацијата против Гаши

Во однос на тоа дека во иницијативата за интерпелација на Левица е наведен и случајот со молитвата во Собранието, на што од ЗНАМ остро реагираа, Карапејовски одговори дека не смеат да избрзаат и кон Гаши да посочат со прст без да им дадат шанса на институциите соодветно да ги направат сите можни истражувања што се случило и да дадат соодветен извештај

Движењето ЗНАМ – За наша Македонија сѐ уште нема заземено став како ќе гласа за интерпелацијата на собранискиот спикер Африм Гаши која ја поднесе Левица. Како што посочи пратеникот Бобан Карапејовски вечерва во своето гостување на телевизија Сител, ЗНАМ ќе се изјасни откако институциите ќе си ја завршат работата бидејќи, како што нагаси, тие работат легалистички, а не водејќи се од шпекулации.

„Никој не е над Уставот и законите, ниту пратениците, ниту министрите, ниту претседателот на Владата, а ниту на државата и претседателот на Собранието, се разбира. Тоа значи дека сѐ мора да биде легалистички до крај изведено. Ние не работиме по шпекулации. Чекаме институциите да си ја завршат работата, да видиме извештај, да видиме што се случувало“,

изјави тој, дополнувајќи дека ќе го чекаат деловничкиот рок од десет дена за претседателот на Собранието да одговори на интерпелацијата.

Според Карепејовски, „Африм Гаши е добар човек, но спикерот Гаши има неколку грешки“.

„Се надевам дека тие грешки ќе излезат и низ извештаите на соодветните државни органи и во неговиот одговор, дека всушност не се толку страшни, дека тој не учествувал на тој начин во сето она што се случувало за да треба да биде разрешен од функцијата претседател на Собранието. Но, да оставиме извесен период, да ги оставиме овие десет дена што Деловникот му ги дава и на претседателот на Собранието и тој самиот да се произнесе, а и ние да ги добиеме сите информации“,

изјави Карапејовски.

Во однос на тоа дека во иницијативата за интерпелација на Левица е наведен и случајот со молитвата во Собранието, на што од ЗНАМ остро реагираа, Карапејовски одговори дека не смеат да избрзаат и кон Гаши да посочат со прст без да им дадат шанса на институциите соодветно да ги направат сите можни истражувања што се случило и да дадат соодветен извештај.

„Да, ние мислиме дека не е убаво да има некаков тип на верски обреди во Собранието. Апсолутно од тоа не бегаме, затоа имавме ние реакција која е улогата на претседателот на Собранието во сето тоа, колку се прекршени Уставот и законите свесно од негова страна во смисла да му се наштети на дигнитетот на Собранието. Тоа е таа црвена линија по која ние ќе се водиме дали нешто ќе поддржиме или нема да поддржиме“,

рече тој.

За барањето на ДУИ за спроведување на ветинг под меѓународен мониторинг, ставот на ЗНАМ е дека не треба за ништо да има генерален ветинг бидејќи тоа, како што посочи Карапејовски, е еден начин на амнестија на некои луѓе.

„Треба сите поединечни случаи, примери и прекршувања од некои политичари да се санкционираат низ институциите на системот. Тоа со меѓународен мониторинг што сега што го предлага ДУИ личи како да сакаат да направат дефокус од она што излегува по промената на власт како корупциски афери во сите институции, состојбата на буџетот и ребалансот што нѐ чека, очајната ситуација во која нѐ оставила претходната власт“,

посочи Карапејовски.

На прашањето за индициите за можна дестабилизација на државата од ДУИ, Карапејовски изрази надеж дека се тоа само индиции.

- Реклама -