Членовите на владиниот кабинет кои биле претходно во граѓанските организации се едни од поуспешните министри, барем досега, оценува Фани Каранфилова-Пановска – извршен директор на Фондацијата Отворено општество, во интервју за „ММС“ по повод три децении работа во Западен Балкан.
Критиката е здрава работа и значи дека имаме можност секој да има слобода да си го изрази својот став, но уште подобро е кога тие критики се слушнати и земени во предвид од адресите до кои се упатени, вели таа.
„Тоа што интелектуалците критички ја опсервираат работата на оваа власт е добро и здраво. Тоа е доказ дека овде секој може да си го каже својот став без да претрпи последици. Меѓу бројните критичари е и нашиот поранешен претседател Владимир Милчин, со кој релациите ни се одлични, но тој откако заврши на функцијата во Фондацијата си се посвети на свјата режисерска работа повеќе и веројатно работи кои и претходно го интересирале, но не можел толку да им се пoсвети“, вели Пановска, прашана за релациите со поранешниот дологодишен директор на фондацијата.
Како што посочува Пановска, многумина во судската и извршната власт биле соработници на Фондацијата, а сега се добро познати актери во општествениот живот.
„Сите членови на кабинетот на сегашнава влада кои на некој начин произлегуваат или имаат свое минато со работа во граѓански организации дефинитивно имаат поглем сенс за тоа зошто е важно, колку е важно и како треба да се вклучи граѓанското општество во процесите на креирање политики. Нивната предност е тоа што, покрај тоа што сите се компетентни во областите во ресорите кои се избрани да ги водат, имаат и увид во милјето помеѓу граѓанските организации“, вели актуелната директорка на ФООМ.
Овие професионалци, појаснува таа, знаат како граѓанското општество пулсира и дише, а тоа им дава предност пред можеби сите можеби останати, затоа што им овозможува да бидат посензитивни, но и подобро да проценат кога да бидат консултирани организациите и како и зошто нивните препораки за одредени пракси и политики да ги земат во предвид.
Како што вели Пановска, фондацијата будно следи сѐ што се случува, но нивниот главен фокус, сега и во иднина, е да се избалансира нерамнотежата, посебно во поглед на економско-социјалната нерамноправност на граѓаните, како нерамноправноста во пристапот до образование, пристапот до здравствени услуги, заедниците кои се економско и социјално депресирани и на кои им треба повеќе помош отколку на кој било друг. Тука во фокусот се и Ромите и жените и децата и тоа од овој аспект до пристапот со основните услуги поврзани со основните човекови права, посочува Пановска.
„Ќе се фокусираме на тоа како работат и управуваат институциите со ресорите коишто им се доделени, од аспект на тоа дали тоа се прави по принципите на добро владеење и справување со корупција. Тука ќе делуваме многу и ќе продолжиме да ги поддржуваме напорите на граѓанските организации да се залагаат за оние круцијални вредности на отвореното општество и понатаму, но пред сѐ да бидат будни и да ги следат политиките на оваа власт и да бидат гласни кога некои од тие политики застрануваат“, додава директорката на Фондацијата Отворено општество – Македонија.
Целото интервју ТУКА.