Откако утрово ја „бомбардирале“ вести и телефонски јавувања од провладините медиуми, како што самата вели, дека кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев ќе ја тужи поради објавувањето на лажната книшка од СДСМ со неговото име, денеска професорката Тања Каракамишева се извини за објавата. Но, само делумно:
„Не знам колку е информиран господинов, но оваа фотографија е јавно достапна и не е за прв пат објавена кај мене, што значи не е ексклузивна вест. Галиба ќе треба да ги тужи сите на Твитер! Самиот факт дека целиот провладин медиумски сервис се покрена да го објави демантот на Јанчев зборува повеќе од самата книшка“, напиша Каракамишева на Фејсбук, каде што и ја објави лажната фотографија.
Откако со тоа уште еднаш го изнесе својот став (дека Јанчев се однесува како да е член на СДСМ), Каракамишева во истиот пост и вистински се извини:
„Со оглед дека сум професионалец и пред сѐ, човек, му упатувам извинување доколку на каков било начин сум придонела да се почувствува навреден од објавата“, напиша професорката.
По вчерашната објава на наводната книшка од СДСМ на Митко Јанчев, кавадаречкиот градоначалник експресно реагираше со демант, објавувајќи иста таква фотографија со книшка со истиот сериски број, која на друштвените мрежи се ширела во 2016-та, но тогаш со името на тогаш специјалната јавна обвинителка Катица Јанева.
„Еве, јавноста нека види со какви ниски работи се служат некои луѓе. Ова во најмала рака е урнебесно, но за жал има луѓе кои веруваат на ваквите лаги. Книшката за која Каракамишева пишува дека е моја, всушност е истата книшка, со истиот сериски број за која се крена голема прашина уште во ноември 2016 година. Тогаш многу медиуми ја објавија истата книшка, тврдејќи таа и припаѓа на поранешната специјална обвинителка. Дури и се држеа пресови поради тоа. Случајно дојдов до ова сознание, пребарав на интернет, бидејќи и во минатото се случувало некој да биде обвинет дека поседува партиска книшка, без оглед на тоа за која партија се работи. Нема да ме изненади ако еден ден ја видам истата книшка, со ист сериски број и со името на Никола Груевски на неа, како што тргнале нештата, сѐ е можно“, изјави Јанчев за „Фокус“, заканувајќи се со тужба доколку во рок од 24 часа не добие јавно извинување од Каракамишева.