„Не можеме безусловно да ја поддржиме Северна Македонија на нејзиниот пат кон ЕУ, тие луѓе се поигруваат со нас“, рече бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана – Красимир Каракачанов, по „вонредната“ средба свикана од бугарскиот претседател Румен Радев, на која бугарскиот државен врв го разгледуваше постигнатиот напредок на заедничката македонско-бугарска комисија за историски прашања и решаваше дали ќе продолжи и кои ќе бидат условите под кои Бугарија ќе ја поддржи земјава во нејзините евроинтеграции.
„Треба да поставиме јасни услови во самиот процес за уште на меѓувладината конференција да има јасни и категорични резултати. Се надевам дека тоа што ќе го направиме ќе биде многу јасен сигнал кон властите во Скопје. Времето на дриблање на топката заврши. Овие луѓе си поигруваат со нас и купуваат време додека нѐ разигруваат. Внимавајте, следната средба на комисијата е закажана точно за 15-ти, еден ден пред да се соберат министрите и лидерите во Брисел за да донесат решение“, додаде Каракачанов.
На средбата се коментирало и дека најдобрата варијанта за Бугарија е да нема раздвојување меѓу Албанија и Македонија на патот кон членство во ЕУ, пренесува бугарската „Фокус“.
„Тоа се две земји во регионот за кои Бугарија покажа јасни политички намери да се приближат кон членство во НАТО и ЕУ“, рекол Каракачанов.
Според бугарскиот премиер Бојко Борисов, пак, ако Бугарија ја блокира Македонија на патот кон ЕУ, таа ќе остане запишана во историјата како единствената од сите земји членки која тоа го направила. Затоа, пак, тој порача дека секое поглавје од преговорите на земјава со Унијата ќе биде средство во рацете на Бугарија.
Каракачанов вчера се закани дека доколку бугарската влада не настапи со категорична позиција дека нема да го поддржи членството на Северна Македонија во ЕУ, неговата ВМРО ќе ја напушти владата. Тој е категоричен дека во оваа етапа Бугарија не треба да дава зелено светло за започнување на преговори, „сѐ додека не бидат исчистени сите фалсификати од историјата на бугарскиот народ во Македонија“.