Денеска во 18 часот, во Централниот воен клуб во Софија, вицепремиерот и бугарски министер за одбрана – Красимир Каракачанов, ќе ја промовира својата нова книга, посветена на „легендарниот водач на ВМРО – Тодор Александров“, пренесуваат бугарските медиуми.
„Книгата главно се однесува на периодот по Балканските војни, односно основањето на ВМРО од младиот Тодор Александров, и фрла нов поглед кон внатрешнополитичкиот живот во Бугарија низ призмата на борбата за Македонија. Открива повеќе за влијанието на ослободителното движење на македонските Бугари преку европската дипломатија“, се вели за книгата.
Издавањето на ваква книга во овој момент им дава можност на оние кои се интересираат за односите меѓу Бугарија и Македонија да добијат едно ново гледиште и да изградат мислење врз основа на историските настани од дамнешно време, додаваат бугарските медиуми.
„Каракачанов, освен што е вицепремиер во владата на Бојко Борисов и министер за одбрана, е и претседател на ВМРО-БНД (Бугарско национално движење), како и историчар. Докторирал на меѓународно право и меѓународни односи. Автор е на статии во разни изданија посветени на историјата и мноштво публикации во бугарскиот печат, поврзани со национално-ослободителните војни на Бугарите во Македонија и современите меѓусебни односи меѓу Република Бугарија и Република Македонија.
Специјализирал на темите од Новата бугарска историја, Политичката историја на балканските држави, Национално-ослободителното движење во Македонија и Тракија и Политички движења во Бугарија. Негова е и книгата ‘ВМРО: Историја на една борба’, за национално-ослободителните борби на Бугарите во Македонија, издадена во 1994 година, која досега има претрпено три изданија“, се наведува во биографијата на Каракачанов.