Каракачанов алармира на „обидите за создавање македонско малцинство“

Вицепремиерот на Бугарија и лидер на партијата ВМРО, Красимир Каракачанов на јавниот обвинител му укажа дека се обидува да основа македонско малцинство во Бугарија преку регистрацијата на две невладини организации регистрирани во Благоевград, јавуваат бугарските медиуми.

Бугарските медиуми пишуваат дека Државната агенција за национална безбедност веќе работи на случајот. Две македонски организации во август веќе се регистрирани во Благоевград.

Каракачанов од јавниот обвинител бара двете здруженија да бидат избришани од регистрите затоа што во нивните статути се предвидуваат пропагандни активности кои „отворено водат кон сепаратизам и формирање на малцинства, активности што се забранети во бугарскиот Устав“.

Граѓанско здружение за заштита на основните индивидуални човекови права и Антички Македонци се двете организации регистрирани неодамна во Благоевград.

Во укажувањето на Каракачанов се вели дека статутите на овие организации содржат концепт на „македонско малцинство“ во Бугарија, а поставените цели се слични со оние на партијата „ОМО Илинден-Пирин“, забранета во Бугарија уште пред 20 години. Каракачанов предупредува дека активностите на овие организации водат кон сепаратизам.

- Реклама -