Порано или подоцна, и галаксијата ќе се најде во опасност да биде уништена од капитализмот.
На минатонеделната Left Forum Conference во Менхетн, една научничка на NASA истакна дека поривот за истражување на егзопланети и експлоатација на руда од астероидите е воден примарно од потребата да се нахрани ѕверот на капитализмот.
„(Истражувањето на егзопланетите) е маскирано како научен интерес, како човечки интерес, и како човечка њубопитност да се истражуваат други светови“, вели Анастасија Роману – климатски истражувач на универзитетот Колумбија и Насиниот Goddard Институт за вселенско истражување. Вели дека „капитализмот од доцната ера (late capitalism) го чувствува притисокот од недостатокот на ресурси, и затоа мора да си најде излез. Не може да мисли ‘надвор од сопствената кутија’ за решенија, па ќе мора да најде друго место, па друго место, па друго место што ќе го експлоатира“.
Роману се плаши дека егзопланетите ќе ги снајде истата судбина што ја снајде јужната хемисфера на Земјата, која прво беше истражувана, па експлоатирана за минерали и избушена за нафта.
Late capitalism се однесува на (теоретски) фазата кога капиталистичката економија легнува на смртна постела. Овие „последни денови“ подразбираат недостатоци од ресурси и ослабување на производните процеси; со еден збор, кога буржоазството претерало. На интернет late capitalism се користи и како еден вид хаштаг со кој се исмева апсурдноста на модерниот капитализам. На пример, кога на налепницата на банана ќе најдете реклама за филм на Дизни/Пиксар.
Каи Качински – претставник на организацијата Fair Oceans („фер океани“), вели дека егзопланетите и астероидите еден ден ќе ги снајде истата судбина на длабоките мориња/океани, кои во моментов практично се наоѓаат во процес на приватизација и експлоатација од големи компании за екстракција на ресурси.
Вели дека американскиот Commercial Space Launch Competitiveness акт од 2015-та година – кој им овозможува на американските компании да копаат минерали и руда на вселенски тела како астероидите, може да е во спротивност со Outer Space Treaty на Обединетите Нации од 1967 – кој во основа наложува истражувањето и користењето на вселената да е од бенефит за сите земји и за целото човештво, и забранува вселената да е предмет на присвојување од една нација или држава, било да е преку користење или окупација. Сепак, адвокатите велат дека вселенската спогодба не е прецизна околу тоа кој смее, а кој не смее да експлоатира ресурси од астероидите.
Во моментов, копањето руда на астероидите е сé уште само идеја која допрва ќе се соочува со инженерски и етички предизвици. Сепак, неколку компании, како Deep Space Industries и Planetary Resources, веќе објавија планови за експлоатација на вселенски тела и веќе ја развиваат потребната технологија. Насиниот телескоп Кеплер веќе откри над 2000 егзопланети, од кои 21 се во таканаречената „населива зона“. А како што откриваме повеќе и повеќе егзопланети, економските импликации од нашата жед „за истражување“ сé повеќе натежнуваат врз откриените.