Кандидатите за шеф на СДСМ од Кавадарци го почнаа караванот за заедничко претставување на програмите

Станува збор за првата од осумте партиски трибини во рамки на кампањата на СДСМ за внатрепартиските избори за претседател на партијата

Ексминистерот за здравство и актуелен пратеник Венко Филипче, поранешната министерка за одбрана и актуелна пратеничка Славјанка Петровска, директорот на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони (ТИРЗ), Јован Деспотовски и актулениот заменик-министер за информатичко општество и администрација, Александар Бајдевски, вчеравечер од Кавадарци го започнаа караванот за заедничко претставување на своите програми во трката за претседател на Социјадемократскиот сојуз на Македонија на внатрепартиските избори што треба да се одржат на 30 јуни.  

Од партиската трибина за заедничко претставување на програмите на кандидатите за претседател на СДСМ / Фото: СДСМ

„Од Кавадарци започна караванот за претставување на кандидатите за претседател на СДСМ пред членовите на партија. Директни, непосредни избори за Претседател во кои одлучуваат членовите е придобивка на демократијата, вредност и одлика на СДСМ“,

соопштија од партијата на Фејсбук. 

Станува збор за првата од осумте партиски трибини во рамки на кампањата на СДСМ за внатрепартиските избори за претседател на партијата.  

Филипче во своето обраќање пред членството во Кавадарци рече дека овој модел на организација на партијата мора да се менува за да се приспособи на потребите и на начините на комуникација на луѓето во денешно време, но и да се обезбеди поголема и постојана вклученост на членовите,  

Според него, потребно е основата на политиките и одлуките да доаѓаат од најниско кон највисоко ниво, каде штто на база на реалните потреби на граѓаните понатаму ќе се обликуваат решенијата. 

 „Најголемиот проблем со којшто се соочивме изминатиот период и кое луѓето најдиректно ни го кажуваат е дека имале затворени врати. Едноставно не можеле да си ги кажат ни барањата, ни потребите и идеите. И што прават луѓето? Нормално, се повлекуваат. Така да, ако се отвори партијата, ако се симне структурата кон општинските организации каде што ќе се градат политиките и после тоа дојдат до централното ниво, каде што понатаму ќе се дообликуваат, е вистинскиот пристап. Само така ќе можеме да кажеме дека сме креирале политики согласно реалните потреби на луѓето“,

рече Филипче. 

Венко Филипче / Фото: СДСМ

Канадидатот за претседател на СДСМ, Јован Деспотовски порача дека за СДСМ да се врати како силна политичка партија мора јасно да дефинира став по клучните прашања и да покаже дека вистински се грижи за своите членови и за граѓаните. 

„Ни треба став за многу прашања, а приоритетно да се изгради за клучните. Многумина наши членови деновиве ме прашуваат – Ако бидете претседател на СДСМ, каков ќе ни биде ставот по прашањето на уставните измени? Тука сакам да бидам јасен. СДСМ излезе на изборите, кои беа и референдум за некои прашања со една понуда, за која се залагавме три години. Нашиот политички противник даде друга понуда по ова прашање и доби три пати повеќе поддршка од граѓаните. Оттаму, ако сакаме да покажеме, а не само да кажеме дека навистина ја сфативме пораката од граѓаните, ќе излеземе и ќе им кажеме на ВМРО ДПМНЕ – Повелете, добивте мандат од луѓето, сработете, дајте го решението да го разгледаме и да дадеме поддршка да се спроведе. Тоа им го должиме на луѓето. Е, тоа е став. Така ќе покажеме дисконтинуитет со досегашните политики“,

рече Деспотовски. 

Јован Деспотовски / Фото: СДСМ

Тој повика и на што поголема активна регистрација на членовите за, како што кажа, да им се слушне гласот и сами да го направат изборот, за да нема наметнати решенија.  

„Доколку се овозможи да имаме фер постапка во која нема да има наметнати решенија и во која секој глас ќе биде препознаен, СДСМ ќе победи на 30 јуни. Многу е важен и резултатот од самиот изборен процес на кој луѓето ќе треба да кажат дали се за континуитет или радикален дисконтинуитет со досегашните пракси и политики“,

посочи Деспотовски. 

Кандидатката Славјанка Петровска во објава на социјалните мрежи напиша дека на претставувањето ја презентирала нејзината програма „Манифест на социјалдемократијата“, со која, како што вели, ветува прогресивни политики во СДСМ, како и враќање кон корените на социјалдемократијата.  

„Јас сум дете од партијата, сум израснала со СДСМ и ќе делувам кон враќање на СДСМ на власт. Мојот личен интергитет, кредибилитет и чесно работење се особини со кои верувам дека ќе ја вратам довербата во партијата прво кај членовите, а потоа и кај граѓаните на Македонија“,

вели таа. 

Славјанка Петровска / Фото: СДСМ

Петровска наведе и дел од нејзините главни заложби. Според неа, потребни се итни реформи и реорганизација на партијата, кои вклучуваат ветинг процеси за избор на чесни и посветени членови на раководството и подобрување на комуникацијата меѓу органите и телата на партијата.  

„Враќање и зацврстување на социјалдемократијата преку воспоставување на Академија за социјалдемократија, која ќе овозможи политичка едукација и континуирано градење на политички потенцијал. Воведување на фер и праведен избор на кандидати за пратеници и советници, со широк процес на учество на сите членови на партијата, и воведување на референдумско изјаснување за важни прашања. Стремење кон воспоставување на стратешки партнерства со сестрински партии кои делат иста идеолошка определба за меѓусебна поддршка и развој“,

наведе Петровска.  

Кандидатот Бајдевски, кој доаѓа од општинската организација на СДСМ во Аеродром, рече дека заедно со неговиот тим, ќе се потрудат да докажат дека СДСМ има капацитет и потенцијал да биде водечка сила во државата, да ги поправи грешките од минатото и да овозможи подобар живот за сите граѓани. 

Александар Бајдевски / Фото: СДСМ

„Еден од стратешките чекори што треба да ги направиме е да ја вратиме препознатливоста на СДСМ. Кога некој ќе нè праша за што се бориме, ние мораме да имаме конкретен, јасен и прецизен одговор. За таа цел, потребно ни е враќање на корените, враќање на основните социјалдемократски вредности, слободата, правдата,солидарноста, еднаквите шанси за сите. Иако постои перцепција дека во оваа земја граѓаните не ги интересираат идеологија и вредности, јас цврсто верувам дека мораме да изградиме препознатливост кај гласачите преку нашето опстојување и бескомпромисно залагање за вредностите што ја карактеризираат нашата идеолошка матрица“,

рече Бајдевски. 

Четворицата кандидати за претседател на СДСМ / Фото: СДСМ

- Реклама -