Кандидат за претседател на Мексико смета дека го има вистинското решение против крадците

Да им се исечат рацете – е предлогот на претседателскиот кандидат Хаиме Родригес Калдерон. Неговата идеја ја соопшти за време на првата ТВ дебата од претседателската кампања.

„Треба да им ги сечеме рацете на тие што крадат. Тоа е толку просто и јасно“, изјави 59-годишниот кандидат.

Неговата изјава предизвика чудење кај водителката на дебатата, која двапати го препраша дали е сериозен. Тој двапати потврди.

Темата на дебатата беше борба со престапите, а сите учесници се сложија со едно – дека досегашните мерки вродија со целосен неуспех.

Откако медиумите известија за „иновативната“ стратегија на Калдерон, на интернет им нема крај на неговите карикатури. Нивната содржина веројатно можете да ја претпоставите.

Изборите во Мексико ќе се одржат на 1 јули, а Калдерон, викан и Ел Бронко (во превод: Мустанг), според рејтинзите, е на петтото место во битката за претседателската функција.

Порано годинава, во март, мексиканската јавност беше потресена од веста дека дури 30 од кандидатите за учество во изборите биле убиени.

 

- Реклама -