Камерниот оркестар на Музичка младина на Македонија „Сашо Николовски – Ѓумар“ ќе го затвори 45 тото издание на Скопско лето

Јубилејното 45. издание на манифестацијата „Скопско лето“ свечено ќе се затвори со концерт на Камерниот оркестар на Музичка младина на Македонија „Сашо Николовски – Ѓумар“ во среда во 20.30 часот во Сули Ан Скопје.

Диригент е Иван Еминовиќ.

Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија постои повеќе од 37 години и е основан како прв сегмент на Летниот музички камп на МММ во Охрид 1986г.

Овој ансамбл е прв и единствен од ваков вид на просторите на југоисточна Европа, составен е од студенти на ФМУ – Скопје, но и од гости и млади музичари од други земји. Во досегашниот период имаат учествувано 350 млади, како и голем број на млади, но и афирмирани светски солисти. Со своето музицирање во сиот овој период се наметна на музичката јавност, не само како неопходност, туку и како изведувачки состав со високо професионални квалитети.

Диригенти и уметнички раководители на оркестарот биле: Ф. Муратовски, Г. Корунвски, С. Николовски – Ѓумар, В. Николовски – Ѓумар, М. Спасов, Б. Цанев, А. Ремерајт, Б. Чадловска, О. Кондратенко, Иван Еминовиќ, со постојана тенденција за промоција на млади диригенти и солисти.

Оркестарот има реализирано повеќе од 100 концерти, добивајќи голем број високо позитивни критики, но и национални награди и признанија. Покрај класичниот репертоар, оркестарот има изведувано дела од современи и од македонски автори.

Како признание за постигнатите резултати во 1995г. Оркестарот беше поканет и одржа концерт во Будимпешта по повод 50 годишнината од основањето на Светската федерација на Музичка младина.

Оркестарот има остварено повеќе ТВ и радио снимки, како и сопствена ЦД продукција (5 изданија). Веќе 37 години завршниот концерт на Летната сесија на оркестарот е дел од програмата на фестивалот „Охридско лето“, а во последните години и на фестивалите „Скопско лето“ и „Битолско лето“.

Прочитајте и:  „Во моите чевли” на Јована Зајкова вечерва во Сули ан

Иван Еминовиќ е роден во Скопје. Музика започнува да изучува на 6-годишна возраст, посетувајќи најпрвин на одделот по пијано во нижото музичко училиште, а потоа и средно образование во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ во Скопје. На ФМУ во Скопје се запишува на одделот за оркестарско диригирање во класата на проф. Саша Николовски – Ѓумар, каде во 2010 година дипломира со концерт во чест на проф. Коста Трпков, истовремено здобивајќи се со наградата на фондацијата „Томислав Зографски“ како најдобар студент на одделите за диригирање, композицијата, музикологија и музичка теорија и педагогија. Во 2012 година магистрира со почести на истиот оддел, со операта „Рита“ од Гаетано Доницети. Како пијанист одржал повеќе број концерти низ Македонија и странство и добитник е на повеќе државни и меѓународни награди и признанија (Државен музички натпревар во Скопје, меѓународниот натпревар во рамките на фестивалот „Интерфест“ – Битола, фестивалот ЕРТА во Осијек, Хрватска и други). Во јули 2018 диригира со Сараевската филхармонија по повод отварање на Башчаршиски ноќи во Сараево. Во неговото диригентско портфолио се вбројуваат повеќи продукции на Македонската опера и балет меѓу кои Травијата, Набуко, Дамата со камелии, Кармина Бурана, Севилски бербер, Кавалерија Рустикана, Жизел, Риголето, Евгениј Онегин, Адриана Лекуврер, Дон Џовани, Турандот, Реквием – Моцарт, како и многубројни концерти.

- Реклама -