„Ако премиерот Алексис Ципрас ги задржи во владата функционерите од партијата Независни Грци/АНЕЛ и по нејзината реконструкција, тогаш ќе имаме војна“, изјави лидерот на партијата – Панос Каменос во интервју на грчката телевизија „SKAI“.
Toj e гневен што владата на Ципрас се обидува да ја раскине неговата парламентарна група, нудејќи им министерски места на пратениците Кунтура и Кокалис кои Каменос ги исклучи од партијата откако ја изразија својата поддршка за владата на Ципрас.
„Г-ќа Кунтура ми рече дека радо ќе ја напушти владата и никогаш нема да гласа за Преспанскиот договор“, истакна Каменос.
Каменос – кој е поранешен министер за одбрана на Грција, смета дека сега, „кога веќе во парламентот се усвоени некои нацрт закони кои му ги ветивме на грчкиот народ и со оглед дека државата е вон меморандум и може да ги продава своите обврзници“, грчкиот премиер Алексис Ципрас нема повеќе никаква причина да не распише национални избори.
„Ние сме тие кои ќе ја формираат следната влада. Мора да има директни избори за да се собори оваа грозна зделка“, порача Каменос алудирајќи на Преспанскиот договор.
Тој смета дека грчката влада немала мандат да го потпише, но и е уверен дека Договорот никогаш нема да биде применет. Според него, тој ќе биде „замрзнат“ бидејќи Русија ќе го отвори тоа прашање во Советот за безбедност на Обединетите Нации.
Каменос исто така е уверен и во помошта од Бугарија. „Тие не ја земаа во предвид позицијата на Бугарија, која не го прифаќа ‘македонскиот јазик’, вели тој.