Камала Харис го избра гувернерот на Минесота, Тим Волц, за потпретседателски кандидат во трката против Доналд Трамп

Тим Волц е ветеран на Националната гарда на американската армија и поранешен учител. Дванаесет години беше во Претставничкиот дом на САД, а во 2018 година стана гувернер

Тим Волц – гувернер на Минесота и кандидат за потпретседател на САД / фото: EPA-EFE/SHAWN THEW

Кандидатката за претседател на САД од Демократската партија, Камала Харис, го избра гувернерот на Минесота, Тим Волц, за свој потпретседателски кандидат и личност со која ќе се обиде да победи на изборите во ноември, пренесе Дневник.хр.

Ова и официјално ќе биде објавено вечерва на митинг во Филаделфија. Асошиејтед прес објави дека Харис го направила овој избор за да ја зајакне демократската листа во државите на Средниот Запад на САД.

Во наредните денови Харис и Волц ќе заминат на турнеја низ сојузните држави. Тие планираат да ги посетат Висконсин, Мичиген, Северна Каролина, Џорџија, Аризона и Невада.

Волц е ветеран на Националната гарда на американската армија и поранешен учител. Дванаесет години беше во Претставничкиот дом на САД, а во 2018 година стана гувернер.

За време на мандатот тој инсистираше на прогресивни политики како што се бесплатни оброци во училиштата, борба против климатските промени и намалување на даноците за средната класа.

- Реклама -