Собранието може и мора да функционира, истакна пратеничката од СДСМ и претседател на законодавно-правната комисија и член на комисијата за правен систем – Снежана Калевска Ванчевска, во гостување на „Утински брифинг“.
Таа објасни дека работата на Собранието била прекината бидејќи тоа е пракса за секои избори. Иако овој пат беа локални, сепак таа пракса се применува за да не влијае работата на самата кампања, објасни Ванчевска.
„Законодавно правната комисија има најмногу работа и најмногу седници бидејќи сите закони и договори мора да се разгледаат, да се проверат. На пример, иако немаше седници, сепак пристигнуваа предлог закони, буџет итн“, посочи таа.
Ванчевска подвлече дека ќе мора да се направи верификација на нови пратеници за новите мандати на местата на оние кои станаа градоначалници, а утре ќе се одржи 51-та седница која беше закажана пред изборите но не се одржа.
„Како што реков и во овој период стигнуваа законски решенија, па ќе има буџетска расправа, така што собранието е веќе во функција. Независно од која партија или пратеничка група припаѓаме, сепак 120 пратеници во парламентарната демократија за која се определивме пред 30 години мора да знаеме дека одговорноста е на законодавниот дом и немаме комоција да се однесуваме неодговорно“, порача Ванчевска.