„Ние тврдевме дека не е кривично дело за да се гласа во скафандери затоа што тоа им беше потребно на граѓаните да се изгласа пакетот кризни мерки, па и направивме измени во Деловникот за да може поради пандемијата пратениците според протоколи да не ја кочат работата на Собранието“, истакна во гостување на МТВ пратеничката од СДСМ – Снежана Калевска-Ванчева, додавајќи дека не планираат да поднесуваат кривични пријави доколку пратеници дојдат во скафандери да гласаат за (не)доверба на владата.
Сепак, таа посочи дека пратениците кои ќе гласаат за недоверба на владата тогаш биле против и ја обвинувале владејачката партија за манипулации, а сега, како што рече, кога е во нивни интерес, не им е проблем.
Во однос на локалните избори и самостојните настапи на дел од партнерите во власта, Калеска-Ванчева појасни дека коалицијата на СДСМ не се заснова на притисоци и дека е демократски чин и право на партиите, на пример, да настапат сами на локалните избори. Тоа, смета Ванчева, за ВМРО-ДПМНЕ е неразбирливо бидејќи тие не ни започнале со демократски развој.
„Секој политички субејкт во нашата коалиција има право на своја одлука и ние веруваме во коалицискиот капацитет и во искреноста на коалиционите партнери бидејќи не отстапија од коалицискиот договор, а тоа е идеологија и платформа, не е само проста математика“, рече пратеничката на СДСМ.