Долго очекуваниот календар на Pirelli за 2013 година најпосле пристигна, со едно огромно изненадување – манекенките имаат облека.
Календарот, кој италијанскиот произведувач на гуми го издава секоја година, типично содржи уметнички фотографии од 12 голи манекенки. Но во изданието за 2013 година фотографот Стив Меккари направил 11 фотографии на целосно облечени манекенки, актерки и пејачки како Изабели Фонтана, Карли Клос, Петра Немцова, Елиса Седнауи и бремената Адријана Лима.
Меккари изјавил: „Јас би рекол дека сум уличен фотограф кои прави ,откриени ситуации’. Голи фотографии можете да создадете секаде. Но овие модели се облечени, тие се идеалистички луѓе со цел. Па сакав да ги фотографирам на специјално место и Рио ми се виде како совршено.“
Во календарот има и фотографии на обични Бразилци и улична уметност. „Се обидов да го претставам Бразил, пејсажите, економијата и културата како и човечкиот елемент.“ И иако само неколку од моделите се од Бразил, тие сите имаат едно нешто заедничко: сите се поврзани со добротворни организации, тема која календарот би требало да ја потенцира.