Јужноиталијанската мафија Ндрангета е единствената криминална организација која е присутна и оперира на сите континенти во светот, а згора на тоа и продолжува да расте.
„Ндрангета е единствената мафија присутна на сите континенти: западна Европа, Северна Америка, Централна и Јужна Америка, Африка, а сега се шири и кон Источна Европа и Азија“, вели италијанскиот обвинител Никола Гратери.
60-годишниот Гратери живее под полициска заштита уште од 1989 година и е актуелен обвинител во Катанзаро во Калабрија, од каде што Ндрангета владее. Во вторникот Гратери ја презентираше својата книга „Тајната историја на Ндрангета“, напишана со коавторство на експертот за мафија – Антонио Никазо.
„Ндрангета е присутна секаде каде што има пари и моќ кои треба да бидат управувани. Политички, таа не е лева или десна“, вели Гратери.
„Сé додека Европа не е убедена во структурното присуство на Ндрангета во нивните земји, прогресот во борбата против оваа калабриска мафија ќе биде доста тешка, со оглед дека сé повеќе се обидува да не го привлекува вниманието“, вели обвинителот.
Според него, Ндрангета во Европа прави две нешта: 1) продаваат кокаин, и 2) со парите купуваат што и да е на продажба. „Внимавајте, денес можеби тоа се кафулиња, пицерии или хотели, но утре можат да бидат акции во телевизиски канали или весници, за да можат да влијаат на јавното мислење“, предупредува Гратери.
Коавторот Никазо потенцира и дека Ндрангета дополнително ја користи преокупираноста на разузнавачките служби со борбата против тероризмот, поради што страда борбата против мафијата.
„Терористичката активност е голема причина за загриженост во општеството, но исто така е и мафијашката активност. Се бориме против тероризмот, но треба да се бориме и двете истовремено“, вели Никазо, кој истакнува и дека за разлика од порано, кога мафијата гравитирала кон даночни раеви, сега гравитира кон правни раеви, каде сé уште нема анти-мафиска легислатива.