Какви пораки разменувале Боки, Ременски, Камчев и Дејан Пелистерка

Во продолжението на денешното рочишта за случајот „Рекет“, во судницата се читаа пораките од телефонот на Бојан Јовановски-Боки 13 преку апликацијата „Ватсап“.

Со второобвинетата Катица Јанева, досега се презентираше само комуникација од 25 февруари 2019 година. Во неа имаше само пораки што ги испраќал Боки. Станува збор за неколку испратени фотографии од гарнитури и една порака со содржина: „Одбрав, стигнати се.“

Од истиот ден, 25 февруари 2019, има и пораки што Боки ги добил од Орце Камчев. Во прашање е една фотографија од покана од обвинителство која ја добил бизнисменот и порака со содржина: „Покани, нели завршија?“

Се читаа и други пораки што обвинетиот во „Рекет“ ги добивал од осомничениот бизнисмен во „Империја“.

Така, на 4 март 2019, Камчев му пратил принтскрин од одлука на Врховен суд, а потоа и порака со содржина: „Лиле не мирува, и Зоки читам глупости зборувал.“

Подоцна, во март, Камчев преку пораки пишува што дал како гаранција од 2,5 милиони евра, односно дуќан на улицата „Маршал Тито“, во кој има продавница „Сваровски“, и дуќан во ГТЦ, каде што е сместен „ДМ маркет“, при што на Боки му вели: „Ај провери кога ќе го пуштат мислењето“.

Во телефонот на Боки на „Ватсап“ имало и пораки со пратеничката Фросина Ременски која е осомничена во втората истрага во рамки на аферата „Рекет“ која се однесува на работата невладината организацијата Меѓународен сојуз.

„Моите информации велат дека Апелација утре ќе одлучи за ослободување од притвор на Орце“, му пишала Ременски на Боки на 24 декември 2018, што е неколку дена пред бизнисменот да излезе од притвор.

Боки на ова одговара: „Не.“

Ременски му возвраќа: „Дај боже.“

Понатаму таа му испраќа уште една порака, во која се споменуваат имиња на судии: „Сафет, Цветанка Периќ, Јани Нича наводно утре ќе одлучуваат по жалбата на Орце, провери го ова.“

Боки возвраќа: „ОК.“

Комуникација помеѓу двајцата на оваа апликација има и во јуни лани, но во неа пратеничката му кажува на Боки дека на пратенички прашања во Собранието, Антонијо (Милошоски – н.з.), „поставил прашање за Коки, а дека З.З. одговарал и може да го гледа на МТВ 3.“

Во една од овие пораки Боки пишува: „Он кажува дека имало истрага… Катастрофа“.

Последни во судница се читаа пораките од телефонот на Боки во контакт потпишан како Дејан Пелистерка, што алудира на бизнисменот Дејан Панделески, син на Цветан Панделески, кој е осомничен во случајот „Империја“.

Така, меѓу пораките на 15 јануари 2019, Боки пишува: „Сега ќе ги викнат адвокатите“, на што Дејан Пелистерка возвраќа: „Лиле не дава согласност.“

Понатаму се прочита порака од 4 март, кога Боки добива порака од истиот број: „Стигна решението.“

Еден ден подоцна Дејан Пелистерка пишува: „Уште 500 сега“.

„Фала ти, ај види уште другите“, возвраќа Боки.

„Бојан, 500 денес другар, ме блокира царина, не можам повеќе“, е уште една порака која на 6 март 2019 ја испраќа Дејан Пелистерка.

Од него се прочита уште една порака до Боки од 8 мај 2019: „Боки, од мене ќе имаш 5 м., тоа е максимум.“

Тука заврши читањето на пораките кое треба да продолжи утре.

Претходно, на рочиштето се презентираа и други материјални докази на Обвинителството, а меѓу нив беа и фискални сметки и формулари за враќање данок од шопинг во Милано, Италија, на Боки 13 и неговата мајка Јасминка Јовановска. Станува збор за три дена шопинг – 25, 26 и 27 февруари 2019, за кои биле потрошени 148 000 евра. Најниската фискална сметка изнесуваше околу 700 евра, а највисоката 26 000 евра.

Датумите на фискалните сметки претставуваат неколку дена по 20 февруари 2019 или денот за кога се тврди дека Боки и Зоран Милески – Кичеец од домот на Орце Камчев во чанта „Луј витон“ земале еден милион евра.

360 степени

- Реклама -