Како загадениот воздух влијае на децата

Од силни инфекции на дишните патишта причинети од загаден воздух надвор и во затворен простор, годишно во светот умираат по 600.000 деца помлади од 15 години, соопшти денес Светската здравствена организација (СЗО).

Загадувањето на воздухот е „како тутун“, изјави генералниот директор на СЗО – Tedros Adhanom Ghebreyesus, по повод првата Светска конференција за загаденост на воздухот и здравје.

Се смета дека дури околу 93% од децата помлади од 15 години (1.8 милијарда деца низ светот) дишат загаден воздух кој може да им го загрози здравјето и развојот, се наведува во извештајот на СЗО. Податоците на Обединетите нации велат нешто слично – 91% од светското население диши загаден воздух, поради што годишно умираат по 7 милиони луѓе.

СЗО наведува дека загадениот воздух влијае и на невролошкиот и развојот на когнитивните способности. Децата изложени на загаден воздух можат подоцна да имаат хронични болести, како и кардиоваскуларни проблеми.

„Оваа криза на јавното здравје подразбира посветување на повеќе внимание, но нејзиниот критичен аспект често се занемарува – а тоа е колку всушност загадувањето на воздухот ги погодува децата“, се вели во извештајот.

Прочитајте и:  Рекордна загаденост на воздухот во Њу Делхи - 60 пати над максималниот праг

Загаденоста на воздухот во отворени и затворени простори во 2016-та предизвикала смрт на 543.000 деца на возраст до 5 години, и 52.000 деца од 5 до 15 години, кои оболеле од силни инфекции на дишните патишта.

Кај трудниците, велат од СЗО, загадениот воздух може да доведе до породување пред терминот, или бебето да се роди со помала телесна тежина.

Една од причините што децата се посебно чувствителни на загадувањето е тоа што дишат побрзо од возрасните, па така и апсорбираат повеќе загадување. Освен тоа, децата практично живеат поблиску до земјата, каде што одредени загадувачи имаат максимална концентрација, а можат да влијаат на развојот на мозокот и телото.

Новородените и малите деца исто така се почувствителни и на загадувањето во затворен простор, посебно во домаќинствата кои редовно користат загадувачки технологии и горива за готвење, греење и осветлување.

СЗО заклучува дека главниот приоритет на меѓународната заедница (треба да) е што побрзо преминување кон чиста и обновлива енергија.

- Реклама -