Западот важи за фин и културен народ, а и самиот е горд на тоа. Утрата им почнуваат со чај/кафе и весник, луѓето сакаат да зборуваат за времето, кога некој ќе се шмугне пред нив во редот за чекање најчесто протестираат исклучиво со длабоко прекорно воздивнување, а кога некој од некоја далечна земја ги нервира обично го решаваат проблемот фино, чисто и културно – со бомбардирање. Со еден збор, Западот ги исполнува сите услови за она што обично го нарекуваме цивилизирано општество. Сé до крајот на август… А веќе во септември, секој септември, на ТВ екраните се враќа новата сезона на најпопуларното музичко шоу на светот – The X Factor. Како што Дедо Мраз доаѓа на санки со елени, така Икс Фактор доаѓа на санки влечени од прилично варварските фиксации на публиката.
Римската Империја траела околу 500 години и била една од најголемите што некогаш постоеле. Нејзиното влијание до ден денес одекнува во западната европска култура. Нема да ги набројуваме бројните достигнувања на Римјаните – за нив учевме уште во основно, исто како што учевме и за нивните омилени активности за опуштање и релаксација. Да, тогаш немало телевизори, па Римјаните оделе во таканаречените амфитеатри – големи арени на отворено, со скалесто поредени места за седење, кои притоа го означувале сталежот на оној што седи на местото. Од една страна, Римјаните оделе да гледаат театарски претстави и културни настани, од друга страна – борби на гладијатори до смрт, а подоцна и Христијани и криминалци кои им биле фрлани на лавовите за ужинка, сето тоа под капата на овој или оној император.
Е сега, денес не се баш дозволени јавни егзекуции, ама ова другово како да се враќа на голема врата. Навидум е само желба за натпревар и спектакл, ама очигледно е дека и модерната публика ужива да гледа туѓи емотивни и душевни падови или луѓе што прават идиоти од себе. Од година во година, ТВ шоуата се сé „пореални“, со нив и The X Factor, а паралелно и сé повеќе стануваат пандан на римскиот Колосеум полн со гладијатори.
Британскиот Икс Фактор, конкретно, е најпознатиот на планетата, најмногу благодарение на „мозокот“ зад неговото постоење – Сајмон Коуел, кој патем важи за најстрогиот судија на музичкото шоу. Ајде малку да го анализираме. Неговото однесување во многу потсетува на прав римски император. Нема многу слични на него. Тој е сеприсутен во британската поп-култура, а богами го има и по сите македонски портали и го знае дури и баба ти. Веројатно ја има најсеирџиската работа на светот – професионален осудувач. Од друга страна, тој е потполно свесен за својата репутација на „заебан лик“ и ја негува со максимална посветеност. Тој е ултра-негативец отелотворен во Икс Фактор судија, подвижен презирен поглед и човек во обични фармерки и маица што може да ти го сјебе животот (или барем мотивот за живот). Од трета страна, Коуел е и генијалец – ѝ го дава на публиката тоа што таа сака да го види, и тоа во идеална мера – премалку за да изгледа како кловн, доволно за да покаже дека му се може. Коуел е исклучително богат и влијателен, решава за човечки судбини, приредува спектакли, груб е и безобразен кон луѓе што не ги познава само затоа што публиката тоа го сака, а и многу сака терирери. Вака срочено, звучи како биографија на некој од најсуровите императори.
Сега да ги разгледаме трибините на колосеумот – да ја разгледаме толпата. Последниве години, шоуто се приредува на сцена пред вистинска студио публика, чиј ефект е мошне видлив и присутен за време на натпреварот. Овациите или исвиркувањата од трибините често имаат големо влијание врз тоа дали натпреварувачот ќе ја помине аудицијата, а се и добар индикатор за тоа кој од двајцата финалисти има подобар прием кај публиката – нешто налик на она кога толпата решавала дали гладијаторот ќе биде убиен или оставен да живее во римските амфитеатри. Икс Фактор не само што нема против, туку и сé повеќе го велича овој момент, особено со воведувањето на „Шесте столици“.
За тие што не се запознаени, шесте столици се „нов“ елемент на шоуто, „нов“ предизвик за натпреварувачите, воведен пред неколку години за да ги раздвижи работите, да го направи шоуто поинтересно, но и да го пролонгира моментот на мизерија на кандидатите кои нема да успеат да продолжат во наредниот круг. По изведбата на секој надежен кандидат, судиите решаваат дали тој ќе добие едно од шесте седишта, кои значат дека натпреварувачот продолжува во наредната рунда. Арно ама, има многу повеќе натпреварувачи од столчиња, па кога ќе се наполнат, судиите одлучуваат кого од седнатите да го исфрлат кога во меѓувреме ќе се појави нов, подобар, поатрактивен пејач. А додека тој подобар пејач ја воодушевува публиката, режисерот непогрешливо ни прикажува кадар од седнатите, за да можеме да уживаме додека ги полнат гаќите и низ главата им поминуваат сите можни клетви кои би можеле да им помогнат овој новиов да уплеска и да биде исфрлен. И повторно, тука е публиката да ja однесе сетa таа тортура на целосно ново ниво, бесрамно извикувајќи „СЕДИШТЕ, СЕДИШТЕ, СЕДИШТЕ!“ или „НАДВОР, НАДВОР, НАДВОР!“ секогаш кога им се допаѓа или им е антипатичен оној што настапува. Повторно, тоа е модерниот еквивалент на „ДОВРШИ ГО!“ или „ПОШТЕДИ ГО!“ – два неразделни елементи од гладијаторските спектакли во кои римската публика одлучувала кој од двајца криминалци ќе биде погубен, а кој поштеден. Патем, овие седнатите се практично осудени да полежат на психијатриски кауч – оние што нема да испаднат, заради стресот; оние што ќе испаднат, заради трауми и демолирана самодоверба.
И тоа не е сé. По „Six Chair Challenge“, Икс Фактор ги носи гледачите во „куќите на судиите“, кои исто така наликуваат на мини амфитеатри со статусен распоред на седишта. Секоја недела, кандидатите имаат мини-претставување, кое во Антички Рим би имало форма на борба на повеќе гладијатори во исто време, а на крајот се случува двобој помеѓу двајцата најмалку популарни кандидати. Додуша тука нема „убивање“, ама има телефони преку кои ти – гледачот можеш да испратиш глас со надеж дека ќе му ги уништиш сите соништа на тој што не ти се допаѓа.
А сега малку за гламурот. Во римскиот период, најголемите и најуспешни гладијатори добивале статус на легенди, слава, јавна поддршка и пари. На Икс Фактор, победникот добива договор за снимање со голема музичка продукциска куќа, а со тоа и шанса да стане популарен како еден од тие најуспешни гладијатори (иако некои се прославија и со самото учество во потесните елиминациони кругови). И гладијаторите, и Икс фактор кандидатите демонстрираат дека се спремни на меѓусебна борба за слава и привилегии, а ние – публиката, и тогаш и сега, ја потврдуваме човечката фиксација за спектакл. А спектаклот нема крај. Дури и по завршувањето на музичкиот натпревар, продолжуваме да ги гледаме истите лица насекаде низ веб порталите, на насловните страни, некогаш и на вестите – во црна хроника. Неуспешните ќе ги најдете со подуени фаци во рубриките за трачеви, како пост-хероин фотографии, како предупредување за другите да не забегуваат по опасниот сјај на славата – пандан на костурските глави на излезите на римските градови, ставени таму да те потсетат дека некој друг ја има решавачката моќ врз твојата судбина.
И така, The X Factor, навидум безболна и наивна забава, башка „кој пее зло, не мисли“, во себе носи скриена порака што е во исто време многу едноставна и многу комплексна. Денес имаме смартфони и апликации, телевоутинг, фаст-фуд ресторани и секакви други луксузи, но нашите вкусови не се сменети. Луѓето во суштина се истите какви што отсекогаш биле. „А шоуто ќе продолжи, а ќе продолжиме и ние да го гледаме и да коментираме разноразни тривијалности за овој или оној од кандидатите, и така секој циклус, сé додека не дојдат нови натпреварувачи и ги заборавиме старите“, пишува Лорен О’нил за Vice.