Како црната мачка стана симбол за зло и несреќа

black-cat-1332741_960_720[1]

Некаде пред 5.000 години (3.000 години п.н.е.) во Древен Египет, мачките, вклучувајќи ги и црните, беа небаре рок-ѕвезди на животинскиот свет – беа страшно почитувани и сакани, а убиството на црна мачка беше голем криминал.

Популарноста на црните мачки почна да опаѓа дури во средниот век во Европа, кога луѓето почнаа да ги поврзуваат со таканаречените – вештерки. Европа ја зафати хистерија околу вештерките и црната магија, а мачките, меѓу кои и црните, често беа чувани и хранети од сиромашни, осамени, стари жени (некои нешта никогаш не се менуваат), кои подоцна беа обвинети за вештерство. Нивните миленици – мачки беа сметани за соучесници во црната магија.

Таквата идеја уште повеќе се зацврсти откако се прочу една фолклорна приказна за татко и син од Линколншир од 1560-тите. Имено, една вечер без месечина, додека таткото и синот патувале, патот им го пресекла црна мачка. Овие го направиле тоа што било нормално во тоа време – ја гаѓале со камења. На крајот, преплашената и повредена мачка избегала во куќата на една жена за која тогаш кружеле гласини дека е вештерка. Следниот ден, таткото и синот налетале баш на таа жена, и забележале дека криви и дека е прекриена со модрици. Автоматски претпоставиле дека тоа не е само случајност, а од приказната ќе се изроди целата параноја околу тоа дека вештерките навечер се претвораат во црни мачки.

Оваа легенда ќе стане централа идеја во Америка за време на озлогласените ловови на вештерки. Црните мачки ќе станат симбол за зло, црна магија и несреќа.

Дури и денес луѓето ги поврзуваат со вештерките, на пример, на прославите на Ноќта на вештерките.

Во други култури пак, црната мачка и денес (како и порано) се смета баш за спротивното – за симбол на добра среќа. Постои шкотско верување дека ако црна мачка ти дојде дома, тоа значи просперитет. Пиратите од 19-от век, пак, верувале дека ако црна мачка замине од тебе – тоа е добра среќа (ако ти се прибижува – лош знак). Во внатрешноста на Британија, пак, црната мачка се дава и како свадбен подарок, за среќна иднина.

- Реклама -