Сингапур е една oд најдобро развиените земји во 20-тиот век.
„Не верувам дека некоја друга економија, може да се пофали со толку добра статистика на брз економски раст, целосна вработеност и многу добри социјални индикатори како животен век, образование итн. во текот на првите 20 години “, вели Линда Лим, економист на Универзитетот во Мичиген.
Дали Ли Куан Ју, човекот кој го основа модерен Сингапур и почина минатата недела на 91-годишна возраст, стои на чело на оваа економска трансформација?
Тој беше еден од највлијателните лидери на 20 век и автократ, чиј мал остров-држава стана едно од најбогатите места во светот и пример за другите влади. Сингапур располага со малку земја и нема природни богатства. Откако стана независна во 1965 година, поранешната британска колонија се трансформира во главен производствен и финансиски центар.
Економистот Милтон Фридман го посочува Сингапур како пример за тоа како развојот треба да се случува на вистински начин.
„Ако се споредат условите во кои живеат луѓето во Сингапур, со условите во Кина или Индонезија, ќе видите дека економската слобода е многу важна компонента од вкупната слобода”, вели Фридман.
Конзервативците гледаат на Сингапур како успешна приказна на слободниот пазар. Ниските даноци, ретките капитални ограничувања и либералната имиграциона политика го претворија Сингапур во едно од од најпознатите космополитски места во светот.
„Тие имаат многу, многу слободна трговија, многу ниски царински тарифи и многу малку други ограничувања”, вели Џош Курланцик од Советот за меѓународни односи на САД.
„Тие се фалат со тоа како можеш да основаш компанија во Сингапур за три часа.”
Управувањето на Ли одигра важна улога за економијата.
„Едни од најголемите сектори како електроника, банкарство, а сега веќе и приватно банкарство, почнуваат да се развиваат на локално ниво, бидејќи Ли Куан Ју и неговата влада специјално насочуваат државни средства во овие сфери”, вели Курланцик. Владата, исто така, обезбедува социјални услуги како домови и здравство на начин на кој либералните економисти аплаудираат.
Самиот Ли верувал дека економскиот раст на Сингапур е обврзан со споделените вредности на различните етнички и религиозни групи.
„Од 1965 година имаме едно општество во кое нема поделба и што силно го поддржува системот на меритократија која постојано се стреми кон повисоки стандарди на обука, по највисоките стандарди на работа и воопшто меритократија на секое ниво”, вели Ли пред студентите во 2013 година.
Денес Сингапур останува голем финансиски центар со висок стандард на живот, а Ли Куан Ју ќе биде запаметен како човекот кој го претвора овој просперитет во реалност.