Како шеќерната индустрија им ја префрли вината на мастите

сугар

И ете, дознавме и дека во 60-тите години, индустријата за шеќер ги потплатила научниците да ја намалат врската меѓу шеќерот и срцевите болести и вината да ја префрлат на заситените масти. Според податоците објавени на JAMA Internal Medicine, групата Sugar Research Foundation – денес позната како Sugar Association – им платила на тројца научници од Харвард да објават истражување за шеќерот, мастите и срцевите болести. Секој од нив добил сума еквивалент на денешни 50.000 долари, за да напишат дека 200 грама чоколадо барабар со литар Кока Кола дневно, воопшто не влијае на вашето здравје. Не, за тоа се криви заситените масти.

Иако истражувањето е старо скоро 50 години, постојат докази дека шеќерот сите овие години работел на својот позитивен имиџ меѓу нутриционистите. Како што пишува New York Times, Кока Кола потрошила милијарди долари на истражувања за влијанието на газираните пијалоци врз гојазноста. Некои други компании отишле и до другата крајност. Associated Press на пример, објави статија за производителите на слатки кои финансирале истражувања во кои се тврди дека децата кои јадат слатки се помалку дебели од оние кои не јадат. Значи, напукај се со карамели и ќе бидеш поздрав од комшивчето што мајка му го тера да јаде кељ и брокули. Или од комшијата што станува да трча во 6, пред да оди на работа во 7.

Потплатените научници на Харвард и нарачателите од шеќерната индустрија со кои соработувале, денес не се веќе живи. Ама додека беа, еден од нив – Марк Хегстед, стана министер во американското Министерство за агрикултура, каде во 1977 помогна во создавање на препораките за исхрана што ги објави американската влада. Другиот пак – Фредрик Стер, беше директор на нутрициониот оддел на универзитетот Харвард.

Во одговорот на извештајот објавен на JAMA, Асоцијацијата за шеќер (гореспоменатата Sugar Association) се правдаше дека извештајот е објавен во време кога медицинските журнали не барале од истражувачите да ги наведуваат своите финансиски извори, а нормално, не пропуштија и да потсетат дека истражувањата фундирани од индустријата „играат важна и информативна улога во научната дебата“. За крај, потсетија и дека во меѓувреме, неколкудекадните истражувања заклучуваат дека „шеќерот нема уникатна улога во срцевите болести“.

Стентон Гланц, професор по медицина на U.C.S.F. и автор на извештајот објавен во JAMA Internal Medicine, го смета обратното, дека „тие успешно ја заташкувале дискусијата за шеќерот, со децении“. Според него, ова откритие е важно зашто дебатата за штетноста на шеќерот и заситените масти трае и денес. Во сите овие децении, официјалните здравствени лица ги охрабруваа Американците да го намалат внесот на масти, што натера многу од нив да консумираат храна што содржи мали количества на масти, но високи количества на шеќер. Дел од експертите токму на тоа ја припишуваат вината за кризата со гојазност што денес ја има Америка.

Како што наведовме погоре, д-р Хегстед го искористил своето истражување за да влијае на владините препораки за исхрана, во кои заситените масти се претставени како главен двигател на срцевите болести, додека шеќерот е претставен во многу поблаго светло, како просто празни калории, кои во најлош случај се поврзуваат со кариес. Дури и денес заситените масти се главниот столб на владините диетарни препораки, со тоа што во последните години American Heart Association, СЗО и други здравствени авторитети исто така почнаа да предупредуваат и дека преголемото количество шеќер го зголемува ризикот од кардиоваскуларни заболувања.

Д-р Волтер Вилет – актуелниот директор на нутрициониот оддел на Харвард, вели дека иако правилата околу академскиот конфликт на интереси се прилично сменети од 1960-тите, разоткриениот случај е добар потсетник зошто науката треба да е поддржана од јавни фундови, наместо да зависи од приватните индустрии.

- Реклама -