Ако нешто научивме од холивудските вестерн филмови, тоа е дека секој салун во стариот Див Запад имал „крилести“ врати (технички викани „cafe doors“).
„Крилестите“ врати биле практични од многу причини. За почеток, овозможувале вентилација на така малиот простор исполнет со чад од пури и домашно виткан тутун. Исто така, двонасочните шарки биле корисни за каубоите кои влегувале носејќи ги тешките седла во рацете (коњите немале гепек на заклучување, како што знаете, а секое оставање на седлото на коњот надвор значело дека веројатно ќе си го најдете празно). Дополнително, ваквите врати биле доволни за да ги спречат љубопитните погледи од глетките на алкохолот, коцкањето, проститутките, ама и плукањето во таканаречените „спитони“ (садови за плукање, особено користени од тие што џвакале тутун) што се одвивало внатре.
Океј, ама како сопствениците ги заклучувале салуните кога не работеле, за да го зачуваат сето тоа скапоцено алкохолно богатство зад шанкот?
Како што пишува Роналд М. Џејмс во својата книга „Virginia City: Secrets of a Western Past“, повеќето салуни всушност немале крилести врати. Освен во одредени делови на Америка, зимите биле премногу студени, а летата премногу ветровити за таквите воопшто да бидат функционални. Сепак, кај салуните кои имале, овие биле само секундарна бариера; објектите имале стандарден сет од тешки врати (сетете се на Hateful Eight на Тарантино, ако сте го гледале) на надворешноста кои во текот на работното време стоеле отворени порамнети со ѕидовите, а при секоја потреба затворани и заклучувани.
Што се однесува до тоа како салунските врати се прикажани во Холивуд… Дизајнерите на вестерн филмските сетови всушност ги прават крилестите врати помали отколку што би биле во реалноста, и веројатно не случајно: кога во салунот ќе влезе опасен каубој, како Џон Вејн во потрага по некој со кого треба да ги израмни сметките, помалите врати прават да изгледа многу поголем и многу позаканувачки.