Периодот на Студената војна беше време на забрзано вооружување, ама и напредок на науката, дури и во оние полиња кои не беа нужно поврзани со воената индустрија.
Додека фокусот беше насочен кон вселенската трка, двете најмоќни нации – способни да го уништат човештвото за едно попладне, паралелно тргнаа и во обратен правец, кон јадрото на Земјата. И едните и другите одобрија планови за бушење во длабочина, без некаква експлицитно конкретна цел; освен таа да се види до која длабочина е можно да се буши. Подвигот се покажа потежок отколку што замислуваа.
Во САД се бушеше под проект име „Project Mohole“, кој се одвиваше во близина на пацифичкиот брег на Мексико. Тимот успеа да избуши до 183 метри под морското дно, т.е. преку 3.600 метри вода.
Иако успешно покажаа дека крајбрежното бушење е можно – со што се поставија темелите на денешното крајбрежно бушење за нафта, проектот беше дефундиран во 1966 година, без конкретна јавно обелоденета причина.
Во меѓувреме, Советите, откако слушнаа за американскиот подвиг, почнаа да бушат на полуостровот Кола. Нивната „авантура“ траеше од рана 1970-та до 1994 година. Резултатот е тоа што денес е познато како Kola Superdeep Borehole – најдлабоката дупка избушена од „човечка рака“, подлабока и од Тихиот океан, со длабочина од 12.262 метри (иако широка само околу 23 сантиметри).
Сепак Русите не беа задоволни. Целта им беше да избушат барем 15 километри до крајот на 1993 година. Спречени беа од пеколните температури. Имено, на длабочина од 12 километри, научниците очекуваа температура од околу 100 степени Целзиусови. Наидоа на 80 степени повисока, што резултираше со бројни дефекти на механизацијата. Врз основа на овие податоци, Русите утврдија дека температурата на 15 километри длабочина би достигнала барем 300 степени, а тоа би значело дека нивната механизација не само што не би работела, туку уште полошо – би се истопила како пластика.
Иако се познати само мал дел од техничките детали од бушењата на Американските и Советските тимови, човештвото извлече многу од нивната детска и незрела трка; научниците добија увид во тоа какви услови преовладуваат во огромните длабочини, каков е хемискиот состав на тлото, какви се неговите физички особини, и каква е температурата.
Пред сé, најизненадувачко беше откритието на микроскопски планктонски фосили во карпи стари 2 милијарди години, најдени на длабочина од околу 6.5 километри под површината. Овие „микрофосили“ претставуваа 24 антички видови, и беа „запакувани“ во органски соединенија што некако успеале да ги преживеат ектремните притисоци и температурите на таа голема длабочина. Другото изненадување за научниците беше и тоа што најдоа вода, и тоа на длабочини каде што се сметаше дека земјата е потполно сува.
Бушењата, во ваков или таков облик, продолжија сé до 2005-та година (дупката во Кола е всушност разгрането стебло од повеќе дупки). Во 2008-ма проектот е целосно напуштен. Сé што денес ќе најдете како видлив остаток е еден рѓосан метален капак.
Иако 12 километри е фантастично достигнување, длабочината на дупката во Кола останува смешна во споредба со дебелината на Балтичкиот штит, ако ништо друго, кој е дебел околу 35 километри. Земјината кора, пак, достигнува до 70 километри, а центарот на планетата е на длабочина од 6.371 километар.
Ѕирнете што сé „се наоѓа“ попат:
PS. Податок што треба да се издвои:
Ако растојанието од површината на Земјата до нејзиниот центар го пресликаме како растојание од Лисабон во Португалија до Астана во Казахстан (како на сликава)…
… ние до овој момент имаме ископано само волку: