Google се соочува со бран од лути корисници, откако се покажа дека рекламите на сериозни брендови, а и на британската влада, се појавуваат на… благо речено – несоодветни видеа.
Британската влада е непријатно изненадена од откритието на новинарската истрага, дека рекламите – инаку платени со парите на даночните обврзници, се прикажуваат на видео клипови на одредени радикални, па и терористички организации, меѓу другите и на видеата на поранешниот лидер на расистичката Кју Клукс Клан. Владата побара и официјално објаснување од YouTube, а во меѓувреме наложи привремени ограничувања во емитувањето на рекламите на YouTube, очекувајќи уверение дека рекламите ќе стигнат на правото место и дека ќе бидат доставени на посоодветен начин.
Истрагата на The Times покажува реклами и на други компании: BBC, Transport for London, Visit Scotland, L’Oreal, Британскиот финансиски регулатор, Honda, синџирот супермаркети Sainsbury’s, и весникот The Guardian. Сите тие, исто како во случајот со Кју Клукс Клан, се прикажуваат на спорни и контроверзни видеа, како тие на крајнодесничарската партија Britain First, организацијата на полските националисти, видеа на религиозни екстремисти, и видеа на други скандалозни проповедници на омраза.
Google – кој е сопственик на YouTube, соопшти дека компанијата се потпира на „строги насоки“ за да дефинира каде точно треба да се појави некоја реклама. Велат дека прифаќаат дека не се секогаш во право, но дека постојано работат на подобрување на системот на дистрибуција на реклами. А системот е всушност алгоритам кој врз база на низа параметри, воглавно од пребарувачката историја и навики на корисникот, одредува кој и кога ќе ја види рекламата. Со други зборови, една реклама нема да ја има на сите видеа, и да биде прикажана на сите корисници. Проблемот е што кога сувопарно се потпирате на параметри, а без контекст, секогаш се случуваат грешки.
Како и да е, засегнатите компании најавија дека ќе преземат чекори во насока на заштита на нивните брендови. L’Oreal велат дека се „ужаснати“ од тоа што нивните реклами се појавуваат рамо до рамо со таква „екстремна“ и „негативна“ содржина. Според нив, проблемот доаѓа од тоа што Google некоректно категоризира дел од алатките за управување на YouTube.
„Преземаме итна акција за да го поправиме овој проблем и ќе работиме уште поблиску со Google за да изградиме некаква превенција што ќе спречи тоа да се случи повторно во иднина“, се вели во соопштението на компанијата.
Дејвид Пемсел – извршен директор на The Guardian, вели дека е „целосно неприфатливо“ да се злоупотребуваат нивните реклами. Во писмо до директорот на Google – Мет Бритин, тој наведува дека е од витално значење за компанијата да „одржува највисоки стандарди во условите на отвореност и транспарентност, и да преземе мерки против рекламната измама”.
Google и Facebook поседуваат огромен удел во бизнисот со дигитално рекламирање. Сериозните брендови фрлаат куп пари за да се рекламираат преку нивните платформи. Очекувано, тоа можеби и не би го правеле кога би им текнало дека нивната реклама може да заврши на видео на Кју Клукс Клан.