Кон крајот на 90-тите и почетокот на 2000-тите години, финската компанија направи пресврт во индустријата на мобилни телефони и делуваше како да е неуништива. Во еден момент држеше дури 40% од вкупниот светски пазар на мобилни телефони.
Тогаш, зошто пропадна?
Гратчето Нокија секогаш ќе потсетува на првиот вистински фински светски бренд. Успехот на истоимената компанија предизвика енормно брз раст на финската економија, а самата компанија придонесуваше за 25% од растот во периодот од 1997 до 2007 година. Едноставно, Нокиа беше економско чудо.
Меѓутоа, набрзо по својот врв, настапи најлошата рецесија во историјата на оваа северна европска земја, а Нокиа почна да паѓа. „Нокиа беше толку голема, што падот на една таква компанија ги исплаши граѓаните, пред сé од аспект на можните последици по државата“, вели Карл Канкала – шеф на економскиот развој на градот Тампере.
Тампере се наоѓа на околу 15 минути возење од Нокија. Таму се наоѓа најголемиот центар за развој и истражување на тенологијата, во кој беа вработени 4.000 луѓе. „Нокиа беше ‘рбетот на сé. Универзитетите зависеа од соработката со компанијата, а новите работни места за младите исто така зависеа од неа. Невработеноста сега е помеѓу 14 и 15 проценти“, изјави Канкала за БиБиСи.
Наместо Нокиа, сега таму има други компании кои се бават со развој на технологии чија задача е да ја потполнат настанатата празнина. Од друга страна, телекомуникацискиот сектор на Нокиа уште претка во живот и продолжува да биде важна алка во финската индустрија, со тоа што некогашната распространетост што денес ја нема е директно одговорна за зголемувањето на невработеноста.
Многу од вработените на Нокиа и ден денес ги чешаат главите во обид да сфатат како е можно да се случи таков пад на компанијата и како светскиот лидер во продажба на мобилни телефони во 2007 година мораше да биде продаден на Мајкрософт во 2014-тата.
„Големиот успех лежеше во фактот дека телефоните ги смаливме под големината на моделите на Моторола. Тоа се случи 1997 и 1998 година – се оствари сонот на секој инженер“, вели Мика Грундстром – некогашен менаџер на Нокиевиот центар во Тампере. За него, во старите добри времиња, единствено била важна должината на траење на батеријата и што помал да биде уредот.
Сé се смени кога во 2007-мата, Епл го претстави првиот модерен смартфон. „Нештата станаа комплексни. Веќе не бевме сигурни како да ги таргетираме потрошувачите. Дали е поентата во лесното користење, дали во траењето на батеријата, дали во големината? Ако зборуваме за батеријата, ние имавме уреди кои траеја по седум дена, а одеднаш се појави телефонски уред кои морате да го полните секој ден. Па, како тоа да им го продадеме на луѓето?“, објаснува Грундстром.
Нокиа проба да ги достигне Самсунг и Епл, но без успех. На крајот, во 2014 година, немаше друго решение освен секторот за мобилни телефони да му биде продаден на Мајкрософт.
Во меѓувреме, Нокиа останува добар пример за тоа дека во бизнисот нема место за воздишка и опуштање додека сте на тронот. Секогаш мора да се биде иновативен и револуционерен и чекор пред другите. Нокиа ги помеша приоритетите, па дочека да биде прегазена од „телефон што се полни секој ден“.
Од друга страна, Тампере исто така научи стара лекција – околу погрешната филозофија околу економските гиганти и дека не е добро цела една локална заедница да се потпре на една компанија. Што повеќе ослонување, толку поголема катастрофа. Тоа се докажало илјадници пати во историјата, и на нашиве, и на туѓи простори.