Пред да преминеме на главното, да фатиме со ред. Прво ќе почнеме со едно друго важно (на темава) прашање.
Како орлицата го бира таткото за своите малечки?
Орлицата одбира мажјак на многу интересен начин. Крши гранче од грмушка или дрво, ја зема во клунот, одлетува на голема висина, и почнува да кружи.
Околу неа почнуваат да летаат орли, а таа ја фрла гранката и набљудува. И ете, некој од орлите ќе ја фати гранката уште во воздух, не дозволувајќи да падне, па ќе ѝ ја предаде на женката нежно, од клун на клун. И потоа орлицата пак ќе ја фрли, мажјакот пак ќе ја врати, и така некое време во круг.
Ако и после многу пати орелот успева да ја фати гранката, тој е среќникот – орлицата го бира него и со него се пари.
И не, не ѝ е ова некаков хир. Добро знае што прави. Ќе видите и сами.
Децата/орлињата
И така орелот и орлицата одлетуваат до некоја висока карпа, прават гнездо од јаки гранки, ретко и неудобно, но цврсто. Потоа со клуновите почнуваат да скубат пердуви од своето сопствено тело и да ги пополнуваат сите дупки меѓу гранчињата, правејќи право гнезно, овојпат меко и топло. Во тоа гнездо орлицата ги положува јајцата, и воала, после некое време, ете ти мали орлиња.
Кога ќе се појават орлиња на свет (а тогаш се сосема мали, голи, и немоќни), родителите ги покриваат со своите тела додека не зајакнат. Со своите крила ги штитат од дожд, од силното сонце, им носат вода, храна, а орлињата растат. Почнуваат да им растат пердуви, крила, а клунот станува појак.
Иако се сé уште мали, сега се појаки, а таткото и мајката гледаат дека дошло време.
Таткото седнува на крајот од гнездото и почнува да мафта, удира и да го тресе, со цел да отпаднат сите пердуви, а да остане само круто гнездо од прачки, како на почетокот. Орлињата седат во тоа соголено гнездо, неудобно им е, тешко, и не сфаќаат што се случува – мама и тато до вчера беа така нежни и грижливи, а сега?
За тоа време орлицата одлетува некаде да фати риба, и потоа слетува на неколку метри од гнездото, каде орглињата можат да ја видат. Додека ја гледаат гладни и збунети, таа почнува да ја јаде рибата.
Тие викаат, крештат, збунети се, ништо не им е како порано. Што да се прави? Им останува само да излезат од гнездото. И тогаш орлињата почнуваат да прават движења што никогаш порано не ги правеле, а немаше ни сега да ги прават ако родителите продолжеа да ги мазат.
Но ете, орлињата тргнуваат да излезат од гнездото, паѓаат, неспретни се, уште ништо не знаат. А гнездото високо на карпа, на самиот раб, каде што се безбедни од предатори, ама едно паѓање може да ги чини живот.
Но сеедно, орлињата застануваат на работ на гнездото, мафтаат со крилата, и конечно се обидуваат да полетаат во воздухот. Е тогаш таткото, оној кој порано ловеше гранчиња, сега стрмоглаво лета удолу и ги фаќа нив, малечките, враќајќи ги во гнездото, каде што тие одново пробуваат да полетаат. Се вели дека кај орлите не се случило некое малечко да падне и да се разбие на карпите.
И така, по некое време, орлињата почнуваат да летаат. Така орлите ги воспитуваат своите малечки и ги учат на најважната лекција. А потоа, ги носат со себе и им ги покажуваат местата каде има риба. Веќе не им ги носат во клун.
Луѓето и „орлињата“
Приказната со орлите е добар пример за тоа како треба да ги воспитуваме нашите деца. Добар пример за тоа колку е важно да не ги држиме претерано долго во топлото гнездо. Или колку е важно да не претеруваме хранејќи ги со риба кога веќе и самите можат да ја уловат.
Но исто така, орлите се добар пример и за тоа со колку посветеност и грижа треба да ги учиме да „летаат“, вложувајќи ја во тоа сета своја сила, нашето време, мудрост и вештините и знаењата стекнати во животот.
Ете, сега знаете зошто орелот мора прво да фаќа гранчиња.