Како оперираше „таткото на пластичната хирургија“

walter-yeo[1]

Тоа колку напредуваме во технологијата, најдобро се гледа по медицинската наука. Некогаш одамна, менталните болести се лекуваа со дупчење во черепите на луѓето. Денес, на пример, можеме да ја модификуваме полио-вакцината (што сами ја направивме) да напаѓа и одредени типови на мозочен канцер.

Дури и од аспект на козметиката, докторите станаа толку добри во пластичната хирургија, што буквално можат да прават „Барбики“ и „Кенови“ од пациентите. Во 1916-та, на пример, такво нешто беше научна фантастика.

Така, кога еден 25-годишен англиски морнар по име Волтер Јео, ги загуби горните и долните очни капаци додека ги вооружуваше топовите на воениот брод HMS Warspite за време на Првата светска војна, немаше многу надеж. За среќа, само една година подоцна, Сер Харолд Гилис („таткото на пластичната хирургија“) доби фантастична (а за денешни стандарди – ужасна) и револуционерна идеја.

Гилис искористи нова и иновативна техника наречена „tubed pedicle“ (tube е цевка, а pedicle е структура што поврзува орган со друг дел од телото на човек или животно) и направи маска од кожа, наменета за Волтер Јео да ја носи преку лицето и очите. Со други зборови, Гилис исече прилично големо парче од кожата на градите на Јео и го повлече додека не го покри нагрдениот дел од лицето на пациентот.

Да, добро прочитавте; парчето кожа никогаш не беше комплетно отсечено од градите. Оттаму, градите и лицето на Јео беа поврзани со „цевки“ направени од неговата сопствена кожа. Ова овозможуваше проток на крв и превенција од инфекција на местото на трансплантација. „Цевките“ беа отстранети кога транспантот „зарасна“ на лицето (подетално објаснување овде, со тоа што ве предупредуваме: има слики што не сакате да ги видите).

Дури и по успешното завршување на операцијата, очните капаци на Јео не можеа да бидат целосно „реставрирани“. Сепак, тој живееше поквалитетен живот: се врати на должност (и служеше сé до 1921 година), потоа стана татко и на второ дете, а продолжи да живее со сопругата во родниот Плајмут, сé до смртта на 70-годишна возраст.

- Реклама -