Многу денешни играчи ја гледаат Монопол како глорификација и славење на бескрупулозниот капитализам. Беше забранета во комунистичка Кина и Советскиот Сојуз, а по доаѓањето на власт во Куба, Фидел Кастро ја обвини дека е „симболика на империјалистички и капиталистички систем“. Но, креаторот – поточно крееаторката на играта имаше сосема поинаква замисла.
Елизабет „Лизи“ Маги била гласна поддржувачка на single tax движењето во доцниот 19-ти век. Едноданочниот систем бил предложен уште во 17-ти век од Барух Спиноза и Џон Лок (филозофот, не тој од Lost) поединечно, а предвидува елиминирање на сите даноци во име на еден обединувачки, најчесто базиран на имот. Потпирајќи се на граѓаните кои поседуваат земја за наплата на даноците, со таквата полиса требало да се намали јазот меѓу богатите земјопоседници и нивните работници-потстанари.
За да привлече што е можно поголемо внимание врз таквите принципи, во 1902 година Лизи Маги ги претворила во друштвена (board) игра. Целта во The Landlord’s Game („Земјосопственикот“) била да се приграби што е можно повеќе земја. Како што бројот на достапни имоти на таблата се намалувал и киријата се зголемувала, најголемиот земјосопственик неколкукратно го зголемувал своето богатство, гледајќи ги противниците како тонат во банкрот. Победник бил баронот што ќе останел последен и поседувал сé на таблата.
Маги сметала дека критицизмот на играта кон алчните земјопоседници е очигледен и јасен, но играта прераснала во нешто сосема далеку од нејзината оригинална замисла. Откако ја патентирала во 1904 година, им ја пратила на Parker Brothers, каде што ја одбиле поради тоа што е „премногу политичка“.
Сепак, играта привлекла одредена мала база на фанови. Наскоро луѓето почнале да ги ревидираат правилата и да прават домашни подобрени сопствени верзии. Една од тие верзии, во 1934 година, си го нашла патот назад до Parker Brothers. Овој пат ја прифатиле со отворени раце. Но пред да ја издадат, морале да се погрижат за оригиналниот патент на Маги. Таа се согласила да им го продаде за 500 долари (тогаш многу повредни од денешните), под услов да бидат издадени и копии од нејзината оригинална Landlord’s Game.
Договорот паднал, но јасно било која игра ја преферираат луѓето. Продажбата на гламурозната, грабливо-алчна Monopoly практично експлодирала. Картонската политичка парабола на Маги останала да фаќа прав на полиците.