„Тука има две моми за мажење“ вели за Дневник, Љ., од ридско село во околината на Kорча. Инсистира да не му се објавува името затоа што го знаат и во Албанија и во Македонија, а, вели, веќе „има проблеми“.
Тој е човекот кој што раскажува на какви начини се склучуваат браковите со девојките од Албанија.
„Само да ви кажам, јас пари не барам. Со љубов го правам ова, за да им помогнам на луѓето да се оженат, да си основаат семејство. Има многу ергени на кои сум им нашол мома, од Битолско, од Прилепско, од Велес, од Мариово, од Скопско… Идат, ги гледаат невестите, ако се бендисаат, убаво, ако не – здравје“ раскажува тој за сторијатана на весникот.
И луѓе од Македонија носат ергени
– Ќе најдат 5-6, ќе ги донесат. Ако си бендисаат мома, даваат по илјада, две илјади евра за човекот, за стројникот, зашто идел по села, барал невести. За трудот. Одиш по сите села, бараш невести, не е тоа лесна работа…- објаснува со очигледно сочувство кон стројниците.
Чул дека низ селата во Македонија има повеќе од 500 ергени што бараат невести. Набрзина пресметува, 500 ергени, по две илјади евра, во групи по десет… За некој што не ги наплаќа своите услуги, брзо пресметува колкав би бил профитот.
– Семејствата тука не бараат пари за момата. Бараат момчето да е од добро семејство, да не ја малтретира, да не е пијаница… Мажи тука не можат да најдат, па бараат од Македонија – вели Љ., без да објасни зошто невестите се мажат во странство.
Повторно го прашуваме зошто за девојките се бараат мажи во странство.
– Тука повеќето невести се муслиманки. Но, македонските ергени ги земаат, верата не е проблем, невестите се крстат во црква и брзо се навикнуваат – вели домаќинот. Додава дека во последно време некои од ергените ги избегнуваат стројниците. Неколку девојки од Kорча, кои се омажиле во Македонија, поврзуваат ергени со свои роднини, роднините со нивни роднини, па се шири кругот на вакви, роднински стројници.
И градоначалници бараат невести
Неколку градоначалници на општини во Македонија се активно вклучени во барање невести за ергените од своите заедници. Градоначалникот на Македонски Брод, Милосим Војнески, вели дека има постојан контакт со Kорча, каде што има стројник за речиси 200-те ергени од својата општина. Повеќе од 80 ергени од селата кај Македонски Брод веќе имаат сопруги од Албанија.
Голем е бројот и на жителите на општина Лозово, кои така нашле сопруги. Според градоначалникот Орце Цветковски, ергените од неговата општина прво се женеле преку стројник во Драч. Во последната една и пол година, пак, ергените сами си ја вршат работата – невести бараат преку роднини и пријатели на веќе дојдените невести.
Слично се организирани и ергените од Битолско, кои контакт со идните сопруги бараат преку здружение.
Целата сторија, прочитајте ја на страната на Дневник.