Целосното помрачување на Сонцето, кое ќе се случи на 20-ти март, ќе биде најголемото помрачување во Европа, од она во 1999-тата. Месечината ќе блокира над 90% од сончевата светлост, а сето тоа ќе трае околу 2 часа, со кулминација во времетраење од речиси 3 минути.
Многу од експертите изразија загриженост дека помрачувањето може негативно да се одрази на електричната мрежа, особено во делот на соларното напојување.
Европската мрежа на оператори кои поседуваат системи за пренос на електрична енергија, стационирана во Белгија, со месеци се подготвува за настанот. Подготовките вклучуваат и координирана акција во случај да се појават поголеми проблеми.
Според Патрик Грајхен – извршен директор на берлинската станица Agora Energiewende, производството на соларна енергија ќе се смали од 17.5 на 6.2 гигавати, а потоа повторно ќе се искачи на 24.6 гигавати, што значи дека системот ќе мора да се прилагоди на неколку драстични промени во текот на многу краток период – само половина час.
На кратко, експертите се едносгласни дека помрачувањето на Сонцето ќе биде „стрес-тест“ за енергетското напојување, но најголемиот дел од нив се согласуваат дека не би требало да постојат посериозни проблеми.
„Во повеќето случаи, соларните станици користат дополнителен извор на напојување, така што степенот на доверба што треба да го имаме во нивната издржливост е висок. Оттаму и не би требало да се случат посериозни проблеми“ – објаснува лондонскиот експерт за соларна енергија – Џон Мејер.