Како изгледа светот низ паричникот на еден милијардер

Најбогатите луѓе во светот цветаат. Во февруари 2017-та во светот имало околу 2.000 милијардери. Оваа микроелита контролира над 7.6 трилиони долари, што е за 18% повеќе од 2016 година.

Куповната моќ на еден милијардер тешко може да се долови. Човечкиот мозок тешко си претставува така големи броеви, па затоа 1 милијарда долари е дури и вон фантазијата на повеќето луѓе.

За да дадат подобар увид, CNBC го сведоа годишниот приход на еден просечен американски милијардер на 50.000 „долари“ (колку што инаку е просечниот годишен приход на обичен Американец).

Една година во животот на милијардер

За почеток треба да биде пресметан вистинскиот годишен приход на еден милијардер.

Во трите декади од 1987 до 2016-та, Бил и Мелинда Гејтс акумулираа околу 120 милијарди долари. Поделено на 30 години, тоа се 4 милијарди долари годишно. Според Forbes, контото на Џеф Безос минатата година се зголемило за најмалку 32 милијарди долари. Во превод, 1.000 долари на секунда.

Но Гејтс и Безос се екстремни случаи. Да зборуваме за обичните милијардери.

Да речеме дека еден нов милијардер се формира за околу една деценија. Просечната вредност на милијардерите на листата на Форбс е околу 2 милијарди долари. Поделено на 10 години, тоа се 200 милиони долари годишно.

200 милиони долари значат над 6 долари во секунда. Тоа значи дека секоја година, просечен милијардер успева да натрупа богатство што е 4.000 пати поголемо од просечниот годишен приход во САД.

Чисто за споредба, Џеф Безос во 2017-та заработил 150 пати повеќе од просечниот милијардер, т.е. 600.000 пати повеќе од просечен Американец во една година.

Како се живее со буџет на еден милијардер

Со оглед дека просечниот милијардер акумулира состојба 4.000 пати поголема од годишниот приход на просечен Американец, може да се изведе равенство дека 4.000 долари за обичен Американец се еквивалент на 1 долар за обичен милијардер.

Ако тие 4.000 долари ги сведеме на 1 „милијардерски долар“ (скратено ќе ги пишуваме М-долари), тогаш годишниот приход на просечен милијардер е 50.000 М-долари. Колку за посликовито: Тоа што за просечен Американец е одмор од 2.000 долари, за милијардерот чини 0.50 М-долари. Да, пола М-долар од вкупно 50.000 М-долари годишно.

Гледано во ваков размер, просечен милијардер годишно на храна троши 3 милијардерски долари. Едногодишно образование во престижен универзитет го чини 15 М-долари. Продолжен престој во елитна болница може да достигне најмногу до 50 М-долари. За само 150 М-долари, милијардерот може да си купи раскошен дом речиси било каде во САД.

Со донација од 2.500 М-долари (т.е. 10 милиони долари), политички кандидат може да истера цела политичка кампања (во САД). Со истите пари милијардерот може да си обезбеди суперудобен живот.

Е сега, да речеме дека тој милијардер ќе донира 5.000 М-долари (т.е. 20 милиони долари). Додадено на сé ова погоре, потрошил вкупно 10.215 М-долари. Му остануваат скоро уште 4 пати по толку. И да не заборавиме, следната година ќе заработи уште 50.000 нови М-долари.

Сé е до перспективата

Смртникот бара повисока минимална плата. Богаташот му вика: Твојата алчност ја повредува економијата…

Во 70-тите години, Роналд Реган изрази гласно незадоволство од една Американка која незаконски добивала државна помош и ја оштетила државата за 8.000 долари (што се 2 милијардерски долари).

Да биде иронијата неподнослива, скандалот со штедните банки од неговата ера, сметководствениот скандал со Enron, кризата предизвикана со хартии од вредност, како и годишните загуби од излевањето на пари во офшор зони, ги чинеа американските даночни обврзници стотици милијарди долари. Тоа е доволно и Џеф Безос да остане шворц. Ама не, за Реган беше проблем 8.000 долари што некоја жена ги земала од социјално.

Денес не е многу поразлично. Буџетот на Бостон за 2017-та година изнесувал нешто помалку од 3 милијарди долари, вклучувајќи 1 милијарда за државните улилишта и уште 200 милиони долари за пензии.

Повеќето Американци (пиши под Американци која сакаш нација) не разбираат колку неправедно се дистрибуира американското (исто важи) богатство. Гледано на глобално ниво, нееднаквоста е уште поголема.

Сега? Ви стана големата слика појасна?

- Реклама -