Сте се запрашале ли некогаш како изгледа песокот одблизу? Хмм… светка, па мора да е прекрасен, нели? Токму така.
Преку работата на професорот Гери Гринбург, кој има докторирано по биомедицина на University колеџот во Лондон, можеме да се увериме дека секоја трошка песок е всушност живописна, уникатна и деликатна структура. Гринбург ги набљудува овие честици зголемени преку 250 пати и добива неверојатни резултати – фрагменти од кристали, врвови од спирални школки и ситни вулкански камчиња. „Неверојатно е чувството кога ќе замислите дека газите по овие ситни драгоцености додека шетате по плажата… Секогаш кога ќе погледнам низ микроскопот, сум одново фасциниран од комплексноста и индивидуалноста“.
Но, она што Гринбург го прави и не е така едноставно. Користи моќен електронски микроскоп, а честиците ги пребарува со игли за акупунктура. Екстремнo зумираните (close-up) фотографии нормално овозможуваат многу плитка длабочина на видното поле“, вели тој, па затоа ја фотографира секоја честица песок од различни перспективи, кои фотографии ги комбинира софтверски за да ги добие саканите слики. Некогаш му одземаат и по неколку часа додека успее да ја комбинира совршената замисла. Ова го прави веќе 12 години и сеуште е импресиониран од секоја нова трошка песок и секоја нова плажа што ја истражува.