Иако Хрватите можат легално да работат во Германија, и ден денес многумина од нив заминуваат на работа „на црно“. Имотска краина е традиционално позната по таквите.
Меѓу нив е и еден поранешен хрватски бранител, полицаец кој од пред 6 години е во пензија, а сега илегално печали во Германија на секои два три месеца. За хрватски Дојче Веле открива како функционира системот на работа „на црно“ во Германија. Очекувано, сака да остане анонимен, а во текстот ќе биде ословуван како Томи (DW го вика Томислав).
Има 46 години, сопругата му е долги години невработена, а моментално се фокусирани на школување на синот. Томи повремено работи на црно и во Хрватска, главно сезонски туризам на хрватското крајбрежје. Во Германија не може (или поточно – не сака) да се пресели и да бара легална работа затоа што бидејќи е во пензија, таму нема да смее да работи со полно работно време, па максимум ќе може да заработува до 1.000 евра.
Илегално му е мајката
Со неговата пензија од 4.000 куни (32.500 ден.) – која во Хрватска важи за прилично голема, не може да го издржува семејството, вели. Само на сметки и давачки му одат 1.600 куни месечно, 2.000 куни му одат на храна и основни куќни потребштини, а за сé друго му остануваат 400 куни. Со тоа не може да си го школува детето, бидејќи 100 евра му одат само на карта за автобус и ужинка, без тука да бидат вклучени облеката, обувките, книгите и сé друго што му е потребно на еден ученик. „Со 4.000 куни месечно не може да живее тричлено семејство кое има дете во школо“, вели Томи.
Порадо за „Швабите“, отколку за „нашите“
Во 90% од случаите, Томи работи во градежништво, а освен за адаптација на куќи и станови, илегални работници се ангажираат и на работни позиции за уредување на околината, одржување на паркови и шуми, како и предградија.
Никогаш не оди сам, туку одат во групи. И Томи како и повеќето работници на црно, инсистира да работи за Германци, бидејќи хрватските работодавачи во Германија се нечесни и често мамат. Германците, пак, се уредни, уредно плаќаат, добро се однесуваат кон работниците, и „знаеме дека ништо нема да ни фали“, вели тој.
„Кога работиш за наши луѓе, во 50% од случаите ќе ти се случи нешто лошо, т.е. нема да ти платат. Тој дел од нашите се расипани и само гледаат да те за*бат. Неретко се случува да не сакаат да ни платат, туку да викнат полиција за нé протера, додека тие се прават луди. Луѓето затоа се разочарани и порадо работат за Германци или за некој пријател што работи кај Германец“.
„Работните излети“ се добро организирани
„Да речеме, германска фирма има градежен проект кој мора да го заврши во одреден рок. Ѝ требаат повеќе работници, а за да ги избегнат дополнителните давачки кон државата, тие ангажираат луѓе од Хрватска, обично по 10-15, зависи колку им се потребни… Одиме таму и работиме, поставуваме вода, струја, канализација, уредуваме фасади и сл. – работиме во затворени простори, речиси никогаш на отворено. Добивате и сместување и храна, а саатницата се исплатува до цент како што е договорено. Неретко добиваме и награда за завршената работа“.
Се работи и сабота
Сите кои одат на работа во Германија како што оди Томи, заработуваат по околу 2.000 евра по тура, и тоа чисти – со речиси сите одбиени трошоци. Патните трошоци, пак, работниците на црно ги покриваат со тоа што работат и саботи.
„Горе (во Германија) не одиме за да шетаме по град, туку да работиме и заработиме за своите семејства; па ја користиме секоја можност да сработиме што повеќе и што повеќе да заработиме. Работата во сабота ни се плаќа дупло, а знаело да се случи по одработена сабота да спечалам и по 200 евра. Работам по 10 часа, но две саботи мене ми го покриваат целиот трошок за пат, иако имам дополнителни трошоци за храна. Останатите пет дена во неделата работиме по 8-10 часа, и така месечно може да се заработат од 1.800 до 2.300 евра, зависно од тоа што и колку работиш. Еднаш ми се посреќи па заработив и 3.000 евра, бидејќи човекот баш коректно плаќаше. Професионалните мајстори заработуваат и од 2.500 до 3.000 евра по тура“, вели Томи, истакнувајќи дека сé функционира прилично едноставно.
Уиграни канали
Нема место во Хрватска, вели, особено во регионите каде традиционално се оди на работа во Германија, каде нема да најдете некој што не работи ништо друго освен што договара луѓе за заминување. Овие посредници ги плаќаат од Германија, што е дополнителна погодност за Хрватите што заминуваат на црно. „Три години работев преку човек кој водеше и по 50 луѓе од цела Хрватска… Од старт сé се знае: на што ќе се работи, колку денови и часови ќе се работи, до кога е рокот, колку се заработува, се работи ли и ноќе и сл“, открива Томи.
„Нé плаќаат на рака, а исплатата е секоја недела, бидејќи владее голема недоверба, па вака е најдобро. Ако некој се повреди, разболи или слично, мора да се врати дома. Годишно одам два до три пати на месец/месец и пол. Во тие два три пати заработувам колку уште една моја годишна пензија“.
Не е за сите
Кој мисли да се коцка, да се меша со проституција и да се забавува, нема што да бара во Германија, вели Томи. Таквите, по правило, се враќаат дома, а работливите „наоѓаат достоен човечки живот“.
Како еден од овие вториве, Томислав е фасциниран од Баварија (каде најчесто оди да работи). Таму луѓето живеат убаво и уредно, вели.
„Во Германија, сите легални работници можат да си ги покријат животните трошоци и да штедат, а во Хрватска скоро никој; платите се толку ниски што повеќе ти се исплати да земаш социјална помош отколку да одиш да работиш, бидејќи повеќе ќе ти остане од првото отколку од платата откако ќе одвоиш патни трошоци и дневен оброк.
„Луѓето кои се нормални и вредни сигурно нема да се враќаат во Хрватска. Познавам семејства што се отидени за стално. Доволно им е еден член од семејството да работи, а да имаат и стан, куќа, добри автомобили, убав живот, па згора на тоа и да заштедат. Кај нас не можеш ни да работиш, а камо па да заштедиш“.