Како Европејците се борат против високите температури што деновиве го достигнуваат врвот

Проценките се дека оваа година екстремните температури би можеле да убијат околу 47 илјади луѓе само во Европа. Најчесто загрозени се постарите и оние со здравствени проблеми

Екстремните горештини се сѐ поголем проблем и во Германија. Црвениот крст го започна проектот „Заштита од топлината“ за помош на најранливите групи

Ако мислите дека е жешко само на југот и на истокот на Европа, се лажете. Со горештините се бори и Британија. Температурите таму се искачија на многу високи, според локални стандарди, 34 степени

Луѓето на секаков начин бараат заштита од силното сонце во Рим / фото: EPA-EFE/GIUSEPPE LAMI

Европа, континентот кој најбрзо се загрева во светот, живее уште едно пеколно лето. Европејците, речиси низ целиот континент, се борат со високите температури кои веројатно го достигнуваат врвот овие денови.

Сѐ повеќе туристи бараат помош

Во Италија е прогласен црвен метео аларм во 22 града. Еден од нив е Милан. „Очекувавме жештини, но не дека ќе биде вака“, вели турист од Шведска што дошол да го посети овој град. Волонтерите им помагаат на сите кои се почувствителни на топлина. Тие делат вода и лубеници.

„За време на жештините градовите стануваат како фурни, услугите се намалуваат, вклучително и оброците за сиромашните, а волонтери има сѐ помалку. Сепак, се трудиме да помогнеме како што тоа го правиме во текот на целата година“,

изјави Бруно Гранде, волонтер од здружението „Арка Проект“.

Сѐ повеќе туристи бараат помош поради жештината и во Рим.

„Во лето имаме меѓу 15 и 20 отсто повеќе интервенции отколку во зима, што секако има врска со горештините, а со тоа и со сите патологии кои се поврзани со високите температури. Освен тоа, туристите што го посетуваат Рим многу често дехидрираат за време на разни тури“,

истакна шефот на одделот за итна медицина на болницата Гемели во Рим, Лука ди Маурицио.

Волонтерите на црвениот крст ги посетуваат болните и изнемоштените

Ако мислите дека е жешко само на југот и на истокот на Европа, се лажете. Со горештините се бори и Британија. Температурите таму се искачија на многу високи, според локални стандарди, 34 степени.

Најмладите се разладуваат во фонтаните покрај реката Темза во Лондон / фото: EPA-EFE/FACUNDO ARRIZABALAGA

Екстремните горештини се сѐ поголем проблем и во Германија. Црвениот крст го започна проектот „Заштита од топлината“ за помош на најранливите групи.

Во Берлин кампањата против жештината трае од јули.

„Постарите луѓе многу се мачат на жештините. Често забораваат да пијат доволно вода и имаат проблеми со циркулацијата. Но, обично не се осмелуваат да кажат дека не им е добро затоа што не сакаат да бидат товар на никого. Се јавуваат само кога се чувствуваат многу лошо. Даваме совети како да се надминат горештините, а тука сме и доколку им треба помош“,

изјави Улрике Датан, од германскиот Црвен крст.

Работниците од Црвениот крст ги посетуваат оние кои тешко се движат или се неподвижни.

„При посетата во нивниот дом гледаме дали има можност да се разладат со нешто што го имаат во станот. Ако тоа не е можно, ги советуваме што можат да направат“,

додаде Маркус Пупе од германскиот Црвен крст.

Пораст на бројот на случаи со ненадејна смрт

Високите температури носат и зголемување на бројот на ненадејни смртни случаи. Само во првите четири дена од август во Шпанија од жештините починале 366 лица.

„Пациентот може да забележи главоболка, вртоглавица, зашеметеност, иритација до повраќање. Можете дури и да повраќате, а потоа да изгубите свест“,

изјави менаџерот на мадридската служба за итни случаи, Гема Изкиердо.

Проценките се дека оваа година екстремните температури би можеле да убијат околу 47 илјади луѓе само во Европа. Најчесто загрозени се постарите и оние со здравствени проблеми.

Сепак, најтоплите летни денови, кога температурата е повисока од 35 степени, го нарушуваат здравјето и секојдневната рутина и на децата, предупредува УНИЦЕФ.

Речиси половина милијарда деца ширум светот живеат во области кои доживуваат најмалку двојно повеќе екстремно топли денови отколку кога нивните баби и дедовци биле млади.

Затоа УНИЦЕФ повикува на глобална климатска акција чија цел е да се обезбеди правото на секое дете на чиста, здрава и одржлива животна средина.

- Реклама -