Еден африкански наставник пред две години започнал бизнис вложувајќи само десет долари, а денес неговата компанија вреди околу триесет илјади долари, пренесува CNN.
Цефас Ншимиумуремји имал идеја да започне да создава сапуни од локалните билки, па вложил десет долари за да купи празно шише за првиот производ кој го направил.
Цефас предава хемија во едно основно училиште во Руанда, а инспирацијата за да започне сопствен бизнис била поттикната токму од часовите кои ги држел на сопствените ученици, во чии рамки им зборувал за лековитите својства на билките. Исто така, сакал да искористи некои од растенијата и за научни цели.
Наставникот ги одгледува билките во сопствена ботаничка градина, а потоа ги суши и од нив прави сапуни. Производите кои тој ги создава ја штитат кожата од различни бактерии, па го спречуваат развојот на кожни болести.
Бизнисот на Цефас денес вреди околу 30.000 долари, а освен него во истиот се инволвирани уште дваесетина други луѓе.
Тој истакнува дека најважно од се за успех, е доброто познавање на областа во која човекот сака да започне бизнис, и секако, волјата. Цефас воедно порачува дека и со минимални средства може да се создаде нешто добро.