Како дојде до референдумското млатење во Каталонија

Акцијата:

Реакцијата:

https://youtu.be/jH53_XjO_6E

https://youtu.be/j8P-KrlsCJ4

Пробавме да утврдиме по кој критериум специјалциве бираат кон кого да се поблаги, а кого да затепаат. No dice. Не ни успеа. Во меѓувреме, билансот е над 840 повредени.

КАКО ДОЈДЕ ДО ОВА?

Што треба да знаеме за Каталонија

Каталонија е богат регион во североисточна Шпанија, кој има свој јазик (каталонски) и култура. Во Каталонија живеат околу 7.5 милиони луѓе. Главниот град е Барселона, вториот најголем град во Шпанија.

Во 1714 година, Барселона била освоена од Филип V од Шпанија, што беше чекор кон создавање на модерната држава Шпанија. Притоа, Каталонија никогаш не го изгуби својот посебен идентитет.

Зошто Каталонците сакаат независност

Желбата за самоуправување се провлекува векови наназад. Тоа доведе до создавање на каталонска влада во 1931 година, но кратко траеше – беше аболицирана за време на владеењето на шпанскиот воен диктатор Франциско Франко од 1939 до 1975 година. Под негова власт, каталонскиот јазик беше забранет во јавните простори, а каталонската култура потисната.

Откако Шпанија ја врати демократијата, Каталонија беше прогласена за автономен регион во Шпанија. Но, иако регионот и во моментов има висок степен на самоуправување, тоа не се однесува на одредени важни прашања, како контролата на даноци… А и употребата на гумени куршуми, очигледно; иако во Каталонија се забранети, од снимките јасно се гледа дека шпанската полиција немаше проблем да ги употреби за да го спречи гласањето на референдумот.

Зошто баш сега?

Желбата за независност доби на интензитет пред сé поради рецесијата со која се соочува Шпанија во последно време. Тоа резултираше со масовни простести за отцепување од Шпанија.

Многумина веруваат дека економскиот успех на Каталонија ја носи на свои плеќи цела останата Шпанија, или со други зборови, остатокот од земјата паразитира на економијата на Каталонија. Во многу наврати каталонските лидери изјавија дека на регионот ќе му биде подобро ако биде оставен сам на себе, на раат.

Но не сите Каталонци сакаат независност, сепак. Анкета од јули покажа дека околу 41% од Каталонците се за независност, но 49% се против. Додуша последниве случувања, особено насилниот одговор на Шпанија кон референдумот, може и те како да влијаат на бројкиве.

Зошто шпанската влада не сака да ја пушти Каталонија да се отцепи

Протести во Мадрид. Се вееја шпански знамиња и се повикуваше на „Обединета Шпанија“

Отцепувањето на Каталонија ќе претставува најголема политичка криза во Шпанија од времето на диктатурата на Франко наваму. Ќе има и огромен економски импакт, како што спомнавме погоре – каталонската економија е поголема отколку на цела Португалија, на пример.

Пред референдумот, стотици Шпанци се собраа во Мадрид, каде повикуваа на „шпанска обединетост“ и испраќаа пораки од типот „Не нé лажете – Каталонија е Шпанија“.

Претходно, минатиот месец, шпанскиот уставен суд го забрани гласањето – премиерот Мариано Рахој изјави дека го прекршува шпанскиот устав од 1978 година, кој вели дека земјата е неделива.

 Околу насилството

Каталонскиот лидер Карлес Пуџдемон ги обвини шпанските власти за користење на „неоправдано, непропорционално и неодговорно“ насилство за спречување на луѓето да гласаат. Премиерот Рахој, пак, рече дека „го направивме тоа што моравме да го направиме“ и им се заблагодари на безбедносните сили за спроведувањето на законот и сработената работа.

Од друга страна, дел од полициските офицери од Mossos d’Esquadra – каталонската полиција која оперира под наредба на Шпанија, не ги следеа наредбите. Тие застанаа на страната на својот народ и се обидоа да ги заштитат од шпанските специјалци. Во продолжение следи снимка од малиот град Виеља; каталонските полицајци стојат во кордон пред едно од избирачките места. Многу од нив плачат, додека зад нив луѓето им скандираат дека се херои.

Исходот

Откако шпанската полиција се обиде да го спречи референдумот, кој шпанската влада и уставниот суд го сметаат за нелегален, каталонскиот лидер прогласи дека неговите граѓани го заслужиле правото на отцепување од Шпанија.

Во ТВ обраќање, Пуџдемон изјави дека во следните денови неговата влада ќе ги проследи резултатите од референдумот до каталонскиот парламент („каде што лежи сувереноста на каталонскиот народ“), кој ќе одлучува според законот на референдумот. Со други зборови, веројатно ќе следи прогласување на независност.

Според каталонската влада, 90% од гласачите гласале за отцепување. Но, од друга страна, излезеноста е само 42.3% од вкупно 5.34-те милиони гласачи во Каталонија. Како главна причина, Каталонците посочуваат на хаосот и полициското насилство.

Шпанската влада, од друга страна, јасно даде до знаење дека нема да ги прифати резултатите. Освен што го сметаат референдумот за илегален, наведуваат и дека поради хаосот имало бројни неправилности (дека практично кој сакал можел да си направи гласачко ливче, и дека едно лице можело да гласа по повеќе пати).

„Немаше никаков референдум“, изјави премиерот Маријано Рахој. Според него, мнозинството Каталонци останало дома. Останатите биле измамени од регионалните власти да учествуваат на нелегално гласање…

Во меѓувреме, се наметнува прашањето, онака, од човечки аспект: кога веќе Шпанија не го признава референдумот за легален, мораше ли полицијата вака да тепа мирни таму некои си гласачи?

- Реклама -