Како да препознаете дали медот е природен?

Медот го има во продавниците, големите супер-маркети и пазарите, но заради големата побарувачка, честа е појавата на „фалсификуван“ мед. Се потешко е да бидете сигурни дека купувате природен мед, и покрај тоа што токму тоа го пишува на етикетата.

За лажен мед се смета медот произведен со интензивно хранење на пчелите со шеќерен, глукозен или скробен сируп, при што пчелите истиот го преработуваат во инвертен шеќер. Фалсификувањето се врши и преку разредување на природниот мед со различни додатоци или со негово индустриско производство од карамелизиран шеќер, лимонска киселина и арома.

Природниот мед лесно се разликува од вештачкиот и преку основните карактеристики. Природниот мед има специфична арома и не се двои на слоеви. Се разликува од вештачките видови и по неговата фина текстура, тече во вид на тенок конец, има густа смеса, но се слева во тенок млаз. Природниот мед со тек на времето кристализира, формирајќи голем број фини и ситни кристали.

Од друга страна, фабричкиот или неприродниот мед има кисел или нема мирис, се дели на слоеви и во неговата структура нема никакви природни „нечистотии“. Може да се препознае по структурата која е или нерамна или премногу фина за разлика од онаа на природниот, а има и течна конзистенција – веднаш капе и се шири на површината. Вештачкиот мед не кристализира, или ако клисталириза се соединува во единечна кристална маса.

За да бидете сигурни што купувате, можете да се послужите со следните методи на тестирање на медот:

– Сркнете од медот и подигнете ја лажицата високо над теглата. Пуштете медот да протекува во теглата. Ако медот од лажицата постојано без прекини се слева во теглата тогаш е вистински мед. Вештачкиот мед не се слева во континуирана низа.

– Ставете малку мед на хартиена салфетка. Ако се направи влажна дамка околу медот и почне да се шири, тоа е знак дека медот е разреден.

– Натопете парче бајат леб во мед. После 8-10 минути, доколку медот е природен, лебот се уште ќе биде во цврст состав и не треба да омекне.

– Изматете една жолчка од јајце со малку мед. Ако е природен, жолчката ќе изгледа како варена, односно крем или пудинг.

– Ставете малку мед во сад со вода. Природниот мед формира топка на дното, т.е. не се раствора веднаш. Фалсификуваниот мед веднаш се раствора, што лесно се забележува при самиот допир на медот и водата.

– Вистинскиот мед ќе ви даде чувство на боцкање во устата при голтањето. Со лажниот мед овој ефект не може да се постигне.

– Ако се стават неколку лажици мед во микробранова печка, при висока температура вистинскиот мед брзо ќе се карамелизира. Вештачкиот мед на висока температура ќе биде полн со меурчиња и тешко ќе го карамелизирате.

– И за крај, природниот мед нема рок на траење. Единствено што може да му се случи е да кристализира, што воопшто не го менува неговиот квалитет. А штом дојде до тоа, многу лесно можете да го вратите во првобитната состојба (за да прочитате како, кликнете ТУКА)

- Реклама -