Како да препознаеш дека си во (партиски) култ

Очигледно, култовите се опасни. Како прво, во основата имаат идеолошки тотализам (фундаментализам), чии последици добро ни се познати од историјата. Како второ, претставуваат директна закана по граѓанските слободи, кои наша должност е да ги штитиме (ако сакаме да сме граѓани, а не робови нели).

Денес, за жал, живееме во глобална епидемија на тотализам и фундализам во секакви форми: политички, религиозни, или двете. Во еден ваков хаотичен свет, човек е лесно да е невнимателен и да потпадне под некои од овие кругови. Затоа, важно е да ги распознаваме. Во тоа ќе ни помогне една статија на Роберт Џ. Лифтон – истакнат психолог и психијатар, објавена во The Harvard Mental Health Letter. Целата можете да ја прочитате на линков, додека ние овде ќе се задржиме само на политичкиот аспект.

Во проучувањата на и околу култовите, се јавуваат неколку често присутни психолошки „симптоми“ кои можат да ни служат како водич за препознавање. Главните три карактеристики се:

1. Харизматичен лидер кој сé повеќе станува предмет на обожување; додека истовремено генералните принципи на кои се основала групата од самиот свој почеток губат моќ
2. „Мисловна реформа“, т.е. убедување под принуда. Слободно наречете го и „перење мозок“.
3. Економска или друг вид (дури и сексуална) експлоатација на членовите на групата од страна на лидерот и тие на највисоките позиции во групната хиерархија

И методите со кои се крепат култовите се горе-доле истите. Ќе ги спомнеме најкарактеристичните.

Контрола на средината и дискурсот

Првиот метод кој типично се користи од идеолошкиот тотализам е контролата на дискурсот и средината, т.е. контрола на сите или повеќето комуникации во дадената група. Во таквата средина, индивидуалната автономија станува ризична по групата. Се прават обиди да се контролираат внатрешните комуникации.

Контролата се постигнува преку интензивни групни процеси, постојан психолошки притисок, па и изолација на поединецот. Често групата креира густа серија од настани (како семинари, предавања, средби), што го прави напуштањето уште потешко, и физички и психички.

Интензивната контрола на средината може да допринесе до драматични промени во идентитетот, кои Лифтон ги нарекува „дуплирање“, т.е. формирање на второ Јас кое живее паралелно со поранешното, некогаш и на долги периоди. Кога контролата ја снемува, елементите од старото Јас почнуваат полека да се враќаат.

Создавање на менталитет на пиун (послушник)

Вториот метод е „планирана спонтаност“ (а во религиозните култови – мистична манипулација). Се работи за систематски процес преку кој лидерството создава „менталитет на пиун“ кај членовите на групата. Процесот се состои од добро планирани настани кои делуваат како да се случуваат спонтано и не предизвикуваат сомнеж кај поединецот дека се работи за манипулација. Се користат и техники како извикување на слогани и пароли (кај религиозните култови и постење, неспиење).

Како резултат, во култот се јавува општоприфатено мислење дека постои еден човек, лице кое е „избрано“ и кое е единствениот спас. Личноста на лидерот може да привлекува членови кон култот, но може да биде и извор на разоткривање на илузијата – во случај да се дознае дека има некакви врски или нешто заедничко со некој од противниците. Притоа, се востановува ставот дека секој што нема самиот да ги увиди тие врски, оправдано е да биде лажен и мамен, во име на „повисока цел“.

Доктрината пред личноста

Овој принцип се јавува кога припадникот на култот чувствува конфликт помеѓу тоа што тој лично го чувствува и тоа што догмата вели дека тој лично треба да чувствува. Пораката во тоталистичката средина е таа дека индивидуата мора да го негира тоа свое лично искуство за сметка на вистината на доктрината

„Товарење“ на јазикот

Кога сме кај слоганите и паролите, тоа може да се окарактеризира како „товарење“ на јазикот. Под тоа се подразбира буквализам (буквално сфаќање на зборовите и јазикот на непријателите), од една, а користење на поедноставен, симплифициран, исклиширан јазик од друга страна. Користењето на таков јазик може да добие голема психолошка моќ, со краен резултат што секое комплицирано прашање се сведува на сет од слогани и пароли со кои се опишува целата „вистина“. На пример, кога сите што гласале за Трамп ги нарекуваат фашисти.

Инсистирање на чистост и распределба на постоењето

Инсистирањето на „чистост“ е всушност инсистирање на радикално разделување помеѓу доброто и злото во средината во која оперира култот; што се коси со реалноста дека секој поединец и секоја група е мешавина од двете во извесен степен (читај: нема само добри, и нема само лоши).

Распределбата на постоењето, поврзано со ова погоре, се јавува кога тие надвор од култот се карактеризираат како „тие што не ја гледаат вистината“. Тие се слепи, зли, со поматен ум, со лоши намери, и затоа, во извесна смисла, пред сé метафорична ама некогаш и буквална, имаат помалку право да постојат.

Ова е и причината што за припадникот на култот е тешко да ја напушти групата. Затоа што смета дека му се заканува протерување надвор од заедницата (а веќе е надвор од противничката), па се јавува страв од, условно речено, колапс.

Тоталистичниот импулс, патем, да се повлече остра линија меѓу тие што го имаат правото и тие што го немаат правото да егзистираат, е особено опасен кога се јавува меѓу нации, особено меѓу нации што располагаат со нуклеарен арсенал во време на тензии…

Но не е помалку опасен ни кога се јавува во рамките на едно општество, за што веруваме дека имате бројни примери од ова нашево.

 

 

- Реклама -