Како да не легнеш женска, никогаш

Во свет на комуникации, нови технологии и отворени граници, човек има сé поголеми шанси видливо и неповратно да ја прокоцка секоја шанса да легне женска. Доста е да ѝ ја пише на месинџер фразата што секој друг просечен ерген сé уште ја пишува.

Ама сепак, има и посигурни и пооригинални начини. Следуваат неколку проверени точки кои гарантираат сигурно потфрлање во настојувањето наречено „додворување“.

Еве како никогаш никоја да не ти се соблече.

Кога очекуваш сама да се сети и да си „ела при тебе“

– Здр, како си, како е?

Ок.

– Супер………..

seen

Колку пати и да ѝ пишеш „здр“ или „како си?“, или „што си правиш ти сега?“, тоа нема да ја натера да престане да го прави тоа што го прави во моментот, да излезе од соба, да ти го најде телефонот преку врски или стари контакти и да те покани на вечера, а после кај неа. Освен ако не си некој како створен од женска фантазија. А не си.

Кога ќе ѝ кажеш дека нема ништо сексуално во твоите намери

Многу е тоа секси. А и звучи некако искрено. Како од чесен човек кажано. Можеш, исто така, да ѝ речеш и дека воопшто не паѓаш на жени. Познавам неколку луѓе кои така фатија опасно добри женски. Да, стварно. Едниот, чинам, се викаше Никој. Каква риба фати Никој, вие стварно не сте свесни.

Кога три саати ѝ збориш тешки филозофии за да пиете кафе

Ок, си видел дека чита книги и знае дека Вагнер е композитор, а не сликар. Решаваш дека најдобриот пат до нејзиниот кревет е преку квалитетен, издржан, крајно филозофски и длабоко егзистенцијален разговор за животот, уметноста и правилната медитација.

Ти уствари би ја викнал на по една ракија, ама од некоја причина решаваш дека е далеку подобро да ја прашаш што мисли за кинематографијата на Ларс фон Трир, и како тоа кореспондира со теоријата за архетиповите на Јунг. Во 11 навечер среде работна недела, по телефон. Со среќа!

Кога на првата средба ќе и кажеш колку неверојатен, достоинствен и длабок човек гледаш ти во неа

Нема ништо понормално од тоа да излезеш со некого на прв состанок и да почнеш да изведуваш заклучоци и констатации за тоа каков е тој како човек, и како личност, и како целост. Крај краева, животот е премногу краток за да одделиме повеќе од 10 минути за да се запознаеме, а и нема ништо вознемирувачко во тоа да зборуваш со непознат човек како да сте кармички сопружници од некој претходен живот.

Кога си го плаќаш твоето пиво и чекаш

Нормално, сакаш да видиш дали не е можеби материјалистка и спонзоруша, но можеби тестот „да видам дали ќе си ги плати своите три пијачки“ не е најдобриот начин да го процениш тоа.

Една моја пријателка на времето викаше вака: „Сакам само две нешта: Да може да си го плати сопственото пиво, и да не прди 24/7 кога е околу мене“. Од друга страна па, тогаш беше пикот на светската финансиска криза, а и она си беше лесна.

Кога на 10-тиот состанок ќе се ДРЗНЕШ да ѝ кажеш дека има прекрасни очи на месечева светлина

Не дека треба да ја плеснеш по г’з уште на првата средба, ама па кога си некако сé така пасивно романтичен и месец и пол покасно, човек почнува да си мисли која серија да си ја пушти кога ќе се врати дома, и тоа додека се понеуспешно се преправа дека те слуша.

Кога постираш статуси со двојно, тројно и n-то значење на „вол“-от, и очекуваш таа да ги толкува „правилно“

На планетава нема многу понепривлечни нешта од стрејт маж на возраст од над 15 години кој го користи ѕидот на Фејсбук за она најпатетичното – да им го привлече вниманието.

Статуси од типот на: „Ме боли стомачето. Да имаше сега некоја да ми свари супичка…“ и споделување песни со крајно секси стихови непосредно по 20-тото „здр, како си?“ за таа недела… Сето тоа е еден многу лош предзнак дека во овој живот ќе си умреш девица.

Кога ѝ го копираш однесувањето и речникот

Нормално е кога си се допаѓате несвесно да се имитирате еден со друг, но понекогаш жената бара интересен човек кој ќе ја плени со својата личност и од кого ќе научи нешто ново и вредно.

Кога случајот е таков, тоа што ја имитираш со восхит еквивалентен на нејзиниот 4-годишен внук е проверен начин да си ѝ усвет далеку од хипотетичниот список „10 најсекси нешта кои ги имаат направено за мене“.

Кога ѝ правиш љубоморна сцена во вториот саат од врската

Не е баш најдобро да прашуваш каде е и со кого е, особено ако се познавате од Фејсбук од пред пет дена. Исто така, не е добра идеја ни навечер да ѝ пишеш во четчето: „Што си правкаш, да не си четуваш со некој удаварач?“, и тоа онака закачливо и шеговито ко да не го мислиш баш ко што го прашуваш. Не треба да прашуваш зашто, да, веројатно во моментот тоа нежно суштество со маслинести очи му испраќа белфи на некој што не ја замара со глупости. А во тоа нема ништо забавно. За тебе.

 

Кога ќе се покажеш како пасивно-агресивно копиле за кое одбивањето е навреда

Црешата на тортата, врвот на сексипилот, капката која ја прелева чашата на твојот неодолив шарм е моментот кога пројавуваш агресија затоа што не ти успева. Колку само самодоверба, храброст, карактер, зрелост и добри шанси паѓаат во вода од одлуката да го сфатиш одбивањето од една жена како лична навреда…

 

Сега е моментот да ѝ вратиш, ти да ја повредиш, да се одмаздиш – како што правеше твојата симпатија во шесто. Да и напцуеш мајка, да посакаш да го објавиш на нет домашното видео (кое не стигнавте да го снимите), за да ја научиш на лекција.

Ама нема потреба. Таа самата ќе сфати што пропуштила и ќе страда во изолација, како сите пред и по неа. Затоа тие не ти ѕвонат. Немаат лице.

Антонија Антонова, за Webcafe

- Реклама -